Претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за МИА ги повикува граѓаните во недела да го поддржат референдумот. Вели дека очекува мирен ден и смета дека изборните органи професионално ќе си ја завршат работата.

Во недела очекува, како што потенцира, огромна излезност на граѓаните и мирен ден.

- Ние имавме средби со граѓаните, митинзи, соодветна анкета за мислењето на граѓаните и сите податоци покажуваат дека граѓаните со огромно мнозинство се расположени и подготвени да излезат на референдумот за да гласаат. Претпоставките врз база на овие елементи упатуваат на успешност на референдумот, односно на огромна излезност на граѓаните. Претпоставката е дека преку 50 отсто од граѓаните ќе излезат да гласаат на референдумот, потенцира претседателот на Собранието.

Неговите очекувања се дека и оние граѓани што имале дилема во однос на излегување на референдумот дека ќе се определат.

- Ги повикувам да излезат на избирачките места за да решаваат првично за нивната судбина односно иднина, а со тоа одлучуваат и за колективната иднина и на граѓаните и на државата во целина, изјави Џафери.

Во врска со уставните амандмани посочува дека предлогот за измени на Уставот, имајќи ги предвид роковите и контекстот, треба што поскоро да бидат доставени до Собранието за да отпочне постапката.

- Првиот чекор е одлука за пристапување кон уставни измени. За да се дојде до одлука има услови кога треба да се поднесе предлогот, колку време трае...треба да поминат не помалку од триесет дена за да се свика седница кога ќе добијам предлог. Можеби е потребно веднаш на први да се покрене постапка. Не е спорно на први да се има предлог дали потпишан од пратеници, дали потпишан од Влада, од претседател на државата, дали потпишан од 150.000 граѓани...Може да поднесат предлог. Која од овие надлежни институции ќе ја преземе улогата да поднесе предлог е прашање на меѓупартиска одлука, рече Џафери.

Изминува периодот за јавна пропаганда за референдумот на државно ниво што ќе се одржи во недела. Која е вашата порака до гласачите, особено до оние кои се уште не решиле дали ќе се изјаснат на референдумот?

Пораката е општа, како и во текот на кампањата. Секој граѓанин да го искористи своето право за изјаснување и со тоа да биде дел од конечната одлука за прашањето поставено на референдумот. Тоа е нивно право затоа што е во нивен интерес индивидуално, во интерес на нивните фамилии, и можност за одлучување за такви важни нешта за кои ни е потребно нивното мислење, за да може одлуката да се институционализира и да ја има поддршката од граѓаните. Огромно мнозинство од граѓаните, според анектите, се изјасни позитивно за референдумот, без оглед на тоа како ќе гласаат на референдумот. Секако, повикот е за поддршка.

Кои се вашите оценки за текот на јавната пропаганда, која не ја водеше само Коалицијата „Излези За европска Македонија“, туку и оние кои повикуваа граѓаните да гласаат против или да го бојкотираат референдумот? Освен преку медиумите, кампањата се одвиваше и на социјалните мрежи.

Не би навлегувал во анализа на содржините и она што се користеше за комуникација со граѓаните. Граѓаните имаа можност во живо да ги слушаат претставниците на коалицијата „за“ и оние „против“ и да извлечат заклучоци. Но во однос на содржините на социјалните мрежи, се остава на перцепцијата на граѓаните да одлучат за тоа што е пренесено таму. Како Собрание, и како овластена институција за водење на пропагандата во рамки на надлежностите постапивме онака како што е пропишано во смисла на откупот на дел од медиумскиот простор, согласно она што е пропишано со одлуките на ДИК и со законите. Беше дадена реална можност во однос на изјаснувањето на пратениците да можат заемно да учествуваат во кампањата „за“ или „против“ по желба. Меѓутоа, како што знаете, претходно пратениците од опозицијата кои побараа средствата да се пренаменат добија одговор од мене дека според законските прописи, средствата за референдум не можат да се пренаменат и доколку до крај останат на определбата да не ги користат за медиумско претставување, тие средства ќе се вратат во Буџетот на Република Македонија.

Колку средства потроши Собранието за медиумското претставување?

Според барањето што го упативме до Владата и нејзината одлука, за медиумско претставување на Собранието му се наменети 80 милиони денари за медиумско претставување и согласно изјаснувањето на пратениците, распределбата на средствата е направена пропорционално спрема изјаснувањето на пратениците - 71 пратеник или 59 отсто пратеници се изјаснија за поддршка на кампањата „за“ референдумот и 49 пратеници или 41 отсто од пратениците директно не се изјаснија против, оставија можност да водат кампања против, но се изјаснија дека нема да ги користат средствата и дека нема да учествуваат во кампањата. Прераспределбата на средствата со одлука на Координативното тело на Собранието е направена во сооднос 59 спрема 41, согласно изјаснувањето на пратениците. И соодветно се откупува медиумски простор. Имајќи предвид дека досега од опозицијата нема доставено материјали до Координативното тело за да може да се пополни простор од минутажата предвидена во еден реален час, ние упатуваме материјали само за кампањата „за“ што согласно договорите со медиумите се во определен временски период. Ако сакате математички 59 отсто средства од 80 милиони се 47 милиони и 200 илјдаи денари за кампања „за“ и преостанатите 32 милиони и 800 илјади денари би биле за кампања „против“, но имајќи предвид претходно дека тие средства не се користат од опозицијата бидејќи се изјаснија така и евентуално остатокот од средствата кои нема да се потрошат до крај, ќе останат во буџетот, значи ќе се вратат. Во петок, кога ќе биде молкот, ќе имаме можност административно да се занимаваме со таа проценка за да можеме да ги имаме првичните податоци во однос на трошењето на средствата и ќе знаеме што е потрошено, но едно е јасно дека повеќе од она што е предвидено за кампања „за“ не смее да се потроши. Во секој случај, ние водиме дневна евиденција за тоа и приближно сме во рамките на тоа и претпоставуваме дека дел од средствата ќе останат неискористени.

Какви се вашите очекувања и проценки за излезноста на референдумот, што всушност има најголемо влијание за неговата успешност?

Ние имавме средби со граѓаните, митинзи, соодветна анкета за мислењето на граѓаните и сите податоци покажуваат дека граѓаните со огромно мнозинство се расположени и подготвени да излезат на референдумот за да гласаат. Претпоставките врз база на овие елементи упатуваат на успешност на референдумот, односно на огромна излезност на граѓаните.

Што значи според вас огромна излезност во бројки?

Претпоставката е дека преку 50 отсто од граѓаните ќе излезат да гласаат на референдумот.

Опозицијата ве обвини дека не сте номинирале набљудувачи на референдумот. Од друга страна, пак, за овој референдум ДИК номинираше рекордни околу 12.000 домашни и странски набљудувачи, има и повици граѓаните кои ќе излезат на референдумот да се снимаат, да се фотографираат... Очекувате ли мирен ден во недела?

Потребен е мирен ден. Јас им верувам на граѓаните и на тие што се акредитирани таму да ги извршуваат своите обврски. Верувам дека надлежната институција, Министерството за внатрешни работи ќе ги преземе сите законски обврски што ги има по ова прашање да обезбеди предуслови граѓаните да можат мирно да го остварат своето право на глас и да излезат. На сите тие што кажувате дека имаат упатства да снимаат, да фотографираат, да попречуваат...треба да им е јасно дека секој од нив ризикува три до пет години затвор за себе, а искуствено по такви поуки, ако прифатат таква одговорност по нечија нарачка да навлезат во прекршување на законот да ризикуваат за себе затворски казни, ние не можеме да ги спречиме освен да аплериме до тие кои мислат да прават такви постапки затоа што сами ќе се најдат на удар на законот. Впрочем нема подобра поука од актуелната судска постапка во однос на настаните од минатата година. Ние апелираме секој да ја извршува својата обврска и да го искористи своето право. Во однос на нападите на опозицијата, кажав дека сум навикнат да ме напаѓаат за многу нешта па на крај доаѓаат до заклучок дека сум бил во право. За набљудувачите Собранието има право да определи набљудували и заменици, тоа не е обврска, тоа е работа на обврска. Координативното тело на Собранието процени дека нема да има набљудувачи имајќи предвид дека нема законска регулатива во која постапка и од кој корпус би го црпела изборот на набљудувачи, дека пратениците лично не можат да бидат на избирачките места затоа што би се сметало за влијание на гласачите, дека ДИК сме ја избрале ние како Собрание а во нејзиниот состав има претставници на политичките партии според законското решение и во тој контекст секоја од партиите има членови кои го гарантираат и партискиот интерес ако сакаме да го заштитиме. Од друга страна избирачките одбори, изборните тела се составени од администрацијата која има професионална, ако сакате и кривична одговорност доколку не работат професионално. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР по наше барање е поставена за набљудување на процесот, НВО се акредитирани таму. Дополнително, ние во буџетот немаме средства за надомест на евентуалните набљудувачи. Не се работи само за набљудувачи во земјата, тоа подразбира време, дневници, храна, сместување, авоибилети и сето тоа. Од каде? И затоа донесовме одлука да немаме набљудувачи.

Според Роковникот на ДИК, извештајот за спроведениот референдум со конечните резултати до Собранието треба да биде доставен до 15 октомври. Што ќе се случува потоа?

Извештајот од ДИК не оди на седница. Постапката подразбира операција за излезноста и пребројување на одговорите „за“ и „против“, и во тој котекст нема потреба за поинакво потврдување на резултатите што ќе ги потврди ДИК во соодветна процедура.

Што доколку референдумот не биде успешен?

Не се раководам од хипотези и хипотетички претпоставки и затоа оставам да заврши и затоа апелот е сите ние да придонесеме во овие последни моменти да допреме до сите оние до кои не сме допреле во кампањата за сите овие 20 дена. И очекуваме и оние граѓани што имале дилема во однос на излегување на референдумот да се определат и ги повикувам да излезат на избирачките места за да решаваат првично за нивната судбина односно иднина, а со тоа одлучуваат и за колективната иднина и на граѓаните и на државата во целина.

Има ли договор во владејачката коалиција кога би започнала постапката за уставни измени? Колку амандмани ќе има?

Постапката ќе почне во моментот кога до мене ќе биде поднесена предлог – одлука за пристапување кон уставни измени. Постапката треба да почне што е можно побрзо во контекст на временската дистанца за да може и официјално и институционално да отпочнат роковите затоа што во процедурата се пропишани соодветни рокови односно чекори за спроведување. Првиот чекор е одлука за пристапување кон уставни измени. За да се дојде до одлука има услови кога треба да се поднесе предлогот, колку време трае...треба да поминат не помалку од триесет дена за да се свика седница кога ќе добијам предлог. Можеби е потребно веднаш на први да се покрене постапка. Не е спорно на први да се има предлог дали потпишан од пратеници, дали потпишан од Влада, од претседател на држвата, дали потпишан од 150.000 граѓани...Може да поднесат предлог. Која од овие надлежни институции ќе ја преземе улогата да поднесе предлог е прашање на меѓупартиска одлука. За мене е битен моментот кога јас ќе го добијам тоа. Формално јас тоа можам да го добијам на први и сум должен веднаш предлог-одлуката да ја доставам до сите пратеници и со тоа ми почнуваат роковите. Што значи 31-от ден треба да свикам седница.

Колку амандмани ќе бидат?

Тоа е работа на одлуката. Откако ќе се донесе одлуката, има заклучок на истата седница со што се обврзува предлагачот во соодветен рок за кој ќе одлучи Собранието да достави нацрт – амандман. Е сега дали ќе бидат еден, два или пет, тоа е веќе работа на предлагачот на нацрт-амандманите. Тоа не може да се каже од оваа перспектива.

Елизабета Вељановска Најдеска