Премиерот Зоран Заев во својата порака по повод 20-годишниот јубилеј на МИА истакна дека постоењето на Агенцијата значи 20 години постојано, систематски организирано новинарско бележење на современата историја на независна Република Македонија.

- Трагите што ги оставија новинарите на МИА во новинарските записи се бесценети мемоари и живо сеќавање на историските, пресудни моменти од нашата современа стварност. МИА растеше со пулсот на развојот на нашата демократија и во одреден период ги преживуваше истите искушенија како и демократијата во земјата. Но политичкиот пресврт донесе услови и за ослободување на новинарската дејност од влијанието на политиката, истакна Заев.

Тој оцени дека „МИА ја исполнува една од најважните улоги на една агенција, да биде непристрасен хроничар на настаните и на процесите и да создава медиумски продукти, врз основа на кои граѓаните ќе добијат објективна слика за нашата реалност“.

- Тоа е особено важно денес кога медиумската публика е нападната и контаминирана од лажни вести и пропагандистички објави. Медиумите имаат значајна улога во демократијата, и мора да бидат слободни и независни од контролата на владата, нагласи македонскиот премиер.

Заев упати порака до медиумите да ја чуваат својата слобода и независност, бидејќи тоа се најскапоцените вредности на новинарството. Тој додаде дека „крајната цел на медиумите е да му служат на јавниот интерес и да им дадат гласност на мноштвото гласови во нашата земја“.

Габриела Точко