Моето пишување за Скопје нема и не може да има крај. А знаете ли зошто? Затоа што неговата историја е богата, неисцрпна, бескрајна. Ако таа историја беше мала, јас одамна ќе завршев со пишувањето. Не можам пишувањето да го завршам ни сега, а веројатно ќе има луѓе кои ќе ме наследат, вели Данило Коцевски, кого го нарекуваат најпознатиот и најревносен хроничар на Скопје од крајот на 20-ти и почетокот на 21 век. На темата Скопје има објавено стотици библиографски единици, книги, документарни емисии, серии.

Данило Коцевски израснал во Скопје, каде завршил основно, средно и високо образование. Детството го поминал во едно од најстарите скопски маала, Бит-пазар и Саат-кула маало, чиј неразделен дел е и Старата скопска чаршија. Тој простор чинел целина многу векови наназад. Се потсети на своите први другари од детството кои живееле во тој дел на Скопје, другари од различни националности: Мими (синот на сопственикот на слаткарницата „Баш Пеливан“), Џавид, Едип, Диме, Аврам, Џенго, Стево, Зоран, Ерол, Димитар (Џими), Сем, браќата Танас и Борче, Васе Шули, Милош, Иван Митевски – Копола, заедно со двајцата браќа, Ацо и Зоки...

- Чаршијата беше дел од нашиот живот. Бит-пазар, Саат-кула малото, Иса-беговата џамија, тоа беше главно тој круг. Малку е познато дека во тој круг имаше и Пионерски дом во кој како деца членувавме, а чиј директор беше Димитар Шопов, брат на поетот Ацо Шопов. За тој дом досега малку се знае. Куќата во која што живееше моето семејство се наоѓаше на улицата „150“ („Борка Талески“) бр. 47, непосредно до зградата на општината Саат-кула, зад денешната Поликлиника. Бидејќи Скопје тогаш поинаку беше територијално организирано, постоеја и општините „Кале“ и „Саат-кула“. Сето тоа ми е останато во сеќавање и тоа беше едно фантастично, старо Скопје, живеевме спонтано, слободно, неоптоварени со ништо. Тоа беше времето на педесеттите години, се до пред скопскиот земјотрес од 1963 година. Постојано игравме фудбал во маалото, но и на Калето, но и на широкиот простор на Сточниот пазар кој се наоѓаше во Чаир. Во нашето маало беше чинарот, кого скопјани малку го знаат, кој и денес постои и има скоро 600 години. Во тој круг е и гробот на Исхак-бег, вториот заповедник на Скопје, таткото на Иса-бег, рече Коцевски. Додаде дека просторот е полн со историја, световна и верска.

Во близината проаѓал и царскиот пат кој во средниот век доаѓал од Истокот. По Втората светска војна настанува голема криза за станбен простор, така што во ова најпознато муслиманско маало живееле и голем број Македонци, во куќи градени главно во периодот меѓу двете војни.

- Тој крај, заедно со Чаршијата, беше моето Макондо, мојот волшебен предел од бајките, а поради присуството на ориенталната иконографија, беше и како предел од „Илјада и една ноќ“. Од тој фантастичен свет на Чаршијата длабоко во свеста ми се врежани две доживувања кои како да се излезени од некој филм или роман. Првото доживување е поврзано со претпријатието „Билка“ кое во близина на денешните музеи имаше откупен пункт. Ние како деца собиравме билки, слез, камилица, жалфија и смил. Ги сушевме на мушами и ги продававме во тој откупен центар. Целиот магацин мирисаше волшебно на разни билки како во прозата на Данило Киш. Така го заработивме првиот џепарлак од 150 динари со кои можевме пет или шест пати да одиме во кино, рече Коцевски.

Второто доживување, како што рече, е со една продавница наспроти влезот на Безистенот.

- Таа се викаше „Комисион“ и во излогот имаше еден чудесен свет од најразлични предмети, часовници, украси, егзотични предмети кои тука луѓето ги донеле за да ги продадат. Ние како деца ќе ги залепевме носовите на стаклото од излогот и се исчудувавме на убавините на тој егзотичен свет. Дури кога пораснавме сфативме за каква продавница станува збор. Постои еден мајстор од Чаршијата, мој пријател кој некогаш во „Комисионот“ купил прекрасен стар ѕиден часовник кој двајцата не потсетува на нашата незаборaвна продавница на спомени и на Чаршијата. Но, нам речиси на дофат ни беше и десната страна на градот и на реката Вардар, со рајот на скопските кина и корзото. А преку Дуќанџик, Топаана и Тетовска трошарина брзо стасувавме и до Градска плажа, истакна Коцевски.

Тој ни раскажа за 50-те и 60-тите години од минатиот век или периодот на Скопје пред земјотресот. Според него, тоа е најубавиот период на градот, од неговото детство и младост.

- Тогаш се живееше поинаков живот, релаксиран, не се забележуваа драстични имотни разлики. Во нашето маало најпознати кина беа „Братство“ и „Напредок“, а кога малку пораснавме, како тинејџери, одевме на скопското корзо, еден од симболите на старото Скопје. Одевме во кино „Младина“, кино „Куклен театар“, кино „Вардар“ (постоеја две кино сали, на приземјето и на горниот кат), кината „Балкан“ и Домот на градежниците. На ѕидовите на една куќа наспроти Офицерскиот дом се прожектираа филмови во вечерните часови, тоа беше кино кое го нарекувавме - кино без пари. Луѓето што живееја во тоа маало (Пошта маало) си седеа на столчиња и гледаа филмови. Имаше многу познати слаткарници, „Баш пеливан“, „Охрид“, „Пчела“, „Пошта“, „Ванила“, раскажува Коцевски.

Во неговото маало живееле доста луѓе од различни професии, занаетчиски семејства, уметници, интелектуалци. Коцевски учел во ОУ „Тефејуз“ („Никола Вапцаров“) кое се наоѓало во непосредна близина на денешната Судска палата (градена пред 1963 година како што тој се сеќава), односно во тревникот зад денешниот МКЦ. Во близина се наоѓала гимназијата „Цветан Димов“ (кај денешната МАНУ).

- Првпат во таа гимназија ние, како завршени основци, ги видовме Зафир Хаџиманов и Коле Ангеловски, кои пред земјотресот, иако млади, беа особено популарни меѓу скопјани. А со артистот Емил Рубен, со кого бевме блиски по возраст, заедно членувавме во драмската секција на културно-уметничкото друштво „Први септември“ кое се наоѓаше зад зградата на Ибни Пајко. Сето тоа беше пред земјотресот, се сеќава Коцевски.

Пишувањето и Скопје - две големи љубови на Данило Коцевски

Данило Коцевски пишува од своите рани години. Кога бил многу млад, уште како гимназијалец, соработувал во младинските весници, пишувал разни статии, но и книжевни критики што не е така вообичаено за толку млад човек. Соработувал главно во весникот „Млад борец“ каде работеле, како што рече, наши еминентни писатели Бранко Варошлија, Луан Старова, Димитар Христов, Чедо Јакимовски... Овие луѓе биле негови учители во новинарството, книжевноста и книжевната критика. По завршувањето на гимназијата тие го примиле како професионален новинар.

Во тие млади години неговата генерација пишувала главно песни. Васил Пујовски, Драган Јаневски, Васил Икономов, (Ристо Јачев, иако тој во еден период живеел во Велес), Атанас Вангелов, Тодор Чаловски. Тоа било време на голем подем на современата, македонска поезија, особено тогаш настапила третата генерација поети, Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Јован Котески, Богомил Ѓузел, Петар Т. Бошковски, Влада Урошевиќ и др.

Тоа се поети, вели Коцевски, кои извршија големо влијание врз нас, заедно со нивните претходници (Конески, Шопов, Јаневски, Тодоровски, Матевски, Поповски, и др.). Потенцира дека тоа е важен дел од тогашното културно Скопје во кое што живееле заедно со другите уметности, театарот, филмот, музиката, ликовната уметност, кои доживувале голем подем.

- Објавувавме во „Нова Македонија“, во рубриката „Колибри“ или во детските списанија, особено во „Развигор“. Тогаш уредник во „Развигор“ беше Миле Марковски, синот на Венко Марковски. Освен тоа, ние почнувавме да пишуваме и други статии. Јас пишував она што го бараа весниците, теми од младинската проблематика и културата, потоа почнав да ги пишувам првите рецензии и критики. Постои и еден куриозитет за кој не сум зборувал. Кога во гимназијата ни дадоа да напишеме писмена работа, јас напишав рецензија на книгата „Божурика“ од Михо Атанасовски која тогаш излезе од печат. Чудни се и понекогаш необјасниви патиштата на творештвото, вели Коцевски.

Тој ни објасни како и зошто почнал да пишува за Скопје. За тоа имало два поводи: од една страна Прустовска потрага по времето и носталгијата, а од друга страна љубопитство да ја научиме и чуваме традицијата. Почнал да пишува за Скопје од 80-82 година. Во тој период имал стипендија од француската Влада и бил на студентски престој во Франција.

- Таму останав подолг период, а јас по природа сум прилично носталгичен така што наеднаш почна да ми недостасува Скопје. Почнав да пишувам за Скопје бидејќи се наоѓав далеку од него. Постојано ја сонував Чаршијата, пазарот, моето маало, потоа Скопје со центарот и со улицата „Маршал Тито“. Градот ми недостигаше многу, дури во еден момент си помислив - Дали некогаш ќе се вратам во Скопје? Пишував кратки цртички - што е Скопје, зошто го сакав, ги опишував објектите, улиците...Така почнав, тоа беше првото пишување, а тие текстови ги објавив неколку години подоцна во книгата „Патување за Аркашон“. Една од првите работи што ги напишав уште во детството е една „Песна за џамијата“ бидејќи живеев во непосредна близина на таков верски објект. Подоцна неа ја објавив во една книга и таа песна се уште може да се прочита, рече Коцевски.

Хроничарот на Скопје вели дека размислувал за тоа какви луѓе ќе бидемеме ако не знаме кои се објектите околу кои сме израснале.

- Мене нешто почна да ме копка, да ме јаде однатре: сакав да дознам повеќе за тие објекти, кога се изградени. Се јави во мене некоја природна љубопитност да видам од кога сето тоа потекнува, како течела историјата. Така почнав да градам една спонтана љубов и почит кон градот. Пишувањето дојде природно, како резултат на таа љубов и не можев ниту да сонувам дека сето тоа ќе наиде на толку голем одек во јавноста и ќе има бројни читатели. Така дознав податоци кои почнаа да ме фасцинираат. Истражував по книги и списанија, но учев и од разговорите со луѓето. Најдов исклучително вредна литература и не ми беше тешко да барам низ книгите, бидејќи по вокација, но и по образование сум теоретичар и филозоф. Но, сето тоа знаење го комбинирам со разговори и дружење со луѓето. Мојот метод е комбинација од разговори и консултирање на историските хроники и факти. Тоа е мојата поетика. Во тоа ја гледам мојата творечка специфика, истакна Коцевски.

Додаде дека почнал од неговото маало, се префрлил кон просторите на Калето, потоа на десната страна на реката Вардар и потоа на цело Скопје. За неговите текстови вели дека се „нешто помеѓу“, помеѓу фактичкото и уметничкото и смета оти во тоа е нивната привлечна сила, не пишува чисти раскази во класична смисла.

- Архитектот Живко Поповски во изјава за еден неделник еднаш напиша: Внимавајте, покрај фактографијата и историјата, Данило Коцевски во своите текстови прави и уметност, литература, се потсети Коцевски.

Во неговиот живот најголемо влијание извршила библиотека, „Цветан Димов“ која била една од најбогатите во стариот дел на Скопје.

- Тој фантастичен свет на книгите од библиотека, од мене направи тоа што сум денес. Библиотеката беше во една прилично голема сала, многу модерно уредена, не знам како тоа се случило, но некој водел сметка за тоа. Во истата зграда во која се наоѓаше киното „Братство“ и Театарот на националностите. На секоја маса за читање имаше една зелена столна ламба, во пријатен амбиент за работа. Главно позајмував книги за дома, бев осмооделенец, рече Коцевски.

Тој се уште се сеќава кои книги ги земал и ги читал. На пример, романите на Александар Дима, на Агата Кристи, Лајош Зилахи, Емил Зола, но и книги со кои тешко се справувал, како мемоарите на Сенека. Ни раскажува дека во шесто одделение како награда за успех во училиштето ја добил книгата „Другари“ од Јован Стрезовски, со кого подоцна се запознал и станеле добри пријатели. И не само тоа. И двајцата, во различни периоди, ја вршеа функцијата директор на светската манифестација Струшките вечери на поезијата.

-Таа книга се уште и ден денес ја чувам како голема драгоценост, истакна Коцевски.

Дружба, забава и музика во Скопје

Со Коцевски разговаравме и за неговите младешки години во Скопје, за скопското корзо, за игранките, матинеата, за музиката која ја слушале, за првите љубови...

- Нашето корзо почнуваше од денешната кафеана „Пелистер“ кон Железничката станица, младите шетаа во два реда, минувајќи едни покрај други. Малку е познато дека и по скопскиот земјотрес имаше корзо, но не на таа реалција. Корзото беше кај мајстор Кенан, пред Кооператива, односно кај денешен Тренд и Ристиќева палата, кај некогашната слаткарница „Шехерезада“, се вртеа кругови околу Ристиќева палата. Мојата генерација и на тоа корзо добро се сеќава, ни објасни Коцевски.

На корзото пред земјотресот доаѓале млади од сите маала, маџирмаалци, новомаалци, оние кои живееле во централното подрачје, од Пошта маало, од Еврејското маало, од Пајко маало. Некогаш забави се одржувале во самите маала, каде имало и мини корза.

- Тој живот беше многу интересен, скромен, убав, со дух, да се оди во кино, театар, во слаткарница. Одевме во Ванила слаткарниците и во кафеаната „Пелистер“, но не како што сега е во долните простории, туку беше горе, на кат. Пиевме вињак и пушевме цигари „Билјана“ со син филтер, вели Коцевски. Потоа почнале славните диска во „Бристол“, „Технометал-Вардар“, „Турист“, „Панорама“, во „Мусандра“... Се потсети на популарните емисии на радио кои ги водел Михаил Бошковски-Мице, Драган Б. Костиќ, кога се слушало радио, го слушале „Сан Ремо“ и италијанската музика, пејачката Мина која потоа дошла во Скопје на Денови на солидарноста. Тоа беше, како што вели, само еден дел од митологијата на музиката која ја слушавме ние и тоа не оформи како личности. Истакна дека имало и една убава навика, преку извиднички одреди и преку Феријален сојуз да се оди на јадранското приморје, да патуваат и да се дружат со други млади од светот.

Од тоа фраерско Скопје незаборавен дел е и треската да се купуваат фармерки во Трст, да се купуваат странски цигари и да се носат на половината, пикнати во фармерките, за да се пофалат младите пред девојките во Скопје.

За Скопје

Скопје има многу долга историја, голема традиција од пред нашата ера. Официјалната традиција која почнува со Скопје е од 14 в. п. н. е. и императорот Октавијан Август, кога се формира градот Скупи како римска колонија. Оттогаш досега има повеќе од 2.000 години, но таа традиција оди многу поназад, пет до седум илјади години.

- Кога почнав да пишувам за Скопје, се надоврзав на моите претходници, на мои многу славни претходници. Јас сум учел во моите хроники од врвни стручни лица кои пред мене го обработувале Скопје, но кои за жал кога јас почнав повеќето од нив беа починати, или поради годините не беа активни. Кога јас се јавив, луѓето сакаа да читаат такви текстови за градот, можеби тоа беше освежување, не знам. Моето пишување можеби наидува на толку љубов и почитување затоа што јас сакам документарните факти да ги комбинирам со многу други аспекти. Рациото, аргументот да го комбинирам со емоцијата. Луѓето честопати ги погодува емоцијата, таа допира до нивната интима. Но, јас од своја страна внимавам да има тука и документарност, фактографија, нагласи тој.

Многу автори досега го истражувале Скопје, професори, новинари. Меѓу луѓето кои оставиле придонес се Константин Петров, Крум Томовски, Микулчиќ, Тихомир Арсовски, Коста Балабанов, Душанка Шопова, Лидија Кумбараџи-Богоевиќ и многу други. Коцевски вели дека е невозможно сите да се набројат. Од новинарите посебно треба да се издвои Јован Поповски.

- Јас ги користам и многу постарите научни текстови и хроники кои исто така се бројни. Од раскажувачката проза за Скопје треба да се изделат Јаневски, Солев, Иванов, Урошевиќ, Османли..., рече Коцевски.

Хроничарот на Скопје вели дека кога се појавил почнал интензивно да пишува бидејќи текстовите наидувале на прием.

- Пишувајќи откривав колку жителите бескрајно многу го сакаат овој град. Тие енормно го сакаат. Благодарејќи на таа љубов која постојано ме инспирираше напишав толку многу. Доаѓаа и се уште кај мене доаѓаат луѓе, ми се јавуваа дома. Верувајте јас денеска да одам по улица сигурно најмалку десетина луѓе ќе ме запрат, ќе ми ги раскажат своите приказни. Во последно време, поради обемот, ако не ги запишувам тие доста интересни приказни, невозможно е да ги сочувам сите, потенцира Коцевски.

Тој првпат почнал да пишува во поголеми серии под наслов „Белешки на осамениот шетач“, кои редовно ги објавувал во Нова Македонија, со фотографии од старо Скопје. Тоа биле текстови од негови шетања низ Скопје, негови нови откривања на историјата на Скопје. Тоа е на крајот на 80-тите години и по нив станува најпопуларен. Во истиот период почнува да снима серии за телевизија кои исто така станаа многу популарни, како телевизиската серија со новинарот Оливер Бранковиќ на МТВ, следуваа многу емисии, објави на неколку книги, следуваше и „Досие Скопје“ со Дарко Митревски која и ден-денес се реемитува.

Коцевски вели дека во последниве години забележал интерес од младите генерации читачи.

- Кога ќе одам низ Скопје, не само што масовно ми приоѓаат повозрасни луѓе, ми ги раскажуваат своите приказни, туку започнаа да ме запираат и нови читатели од младите генерации. Ако седат во некое кафуле, ќе ме повикаат на кафе и ќе речат - Еве го хроничарот на Скопје, Данило седнете со нас, раскажете ни за... Јас само ќе им кажам – Не јас, вие раскажете ми ја вашата историја иако таа е понова, јас ќе ја напишам на свој начин, вели Коцевски.

Тој смета дека има луѓе од помладата генерација кои во последно време пишуваат за Скопје и тоа е добра тенденција.

- Моите наследници полека, полека сами се јавуваат, спонтано се јавуваат. Зошто еден наследник може само спонтано да се јави. Спонтано се јавуваат од младата генерација, објавуваат и моето лично мислење е дека не само во иднина, туку во најскоро време ќе се јават уште повеќе такви луѓе кои ќе пишуваат во тој дух, посочи хроничарот Коцевски.

(Продолжува)

Магдалена Ристоманов

Фото: Фросина Насковиќ и Данило Коцевски


Администратор
15/09/2018 13:44