Госпоѓа Дитмире Шеху е потпретседателка и член на привремениот состав на Државната изборна комисија (ДИК), предложена од ДУИ. Во интервјуто МИА таа вели дека работата на организација и спроведување на референдумот закажан за 30 септември се одвива според роковите и оти досега нема непредвидени ситуации. И Шеху, како и дел од нејзините колеги од ДИК, смета дека Избирачкиот список не е идеален, но оти во него нема фантоми. За соработката меѓу членовите на ДИК рече дека досега е добра и оти сите работат согласно законот и Уставот на РМ. Политички влијанија вели дека нема.

Госпоѓо Шеху, како се одвиваат подготовките за организирање на есенскиот референдум закажан за 30 септември?

Сега сме во рамките на роковите кои се предвидени со закон, немаме непредвидени ситуации. Сметам дека имаме доволно време за успешна реализација на референдумот предвиден да се одржи на 30 септември. ДИК го има усвоено Правилникот за работа каде се опфатени Изборниот закон и Законот за референдум и како што е познато, потребата за усвојување на Правилникот за работа се појави поради неусогласеноста помеѓу Изборниот закон и Законот за референдум. Новиот состав на ДИК го дефинираше и календарот на активности кои се неопходни за организирање на референдумот, ги имаме комплетирано изборните тела на локално ниво, во меѓувреме течеше и јавниот повик за верификација на податоците во Избирачкиот список за спроведување на референдумот. По завршување на јавниот увид ќе започне и едукација на изборните органи, како и подготовка на материјалот за денот на гласање. Ја имаме дефинирано веќе и агендата за референдумот која се состои од десет точки и потточки каде се опфатени сите детали за спроведување на референдумот. Укажуваме дека само запишаните во Избирачкиот список ќе можат да ја изразат својата волја за референдумското прашање.

Во јавноста имаше различни толкувања и дилеми во однос на одредени ситуации поврзани со референдумот, како на пример кој се може да води кампања за референдумот, дали се дозволени вработувања, какво треба да биде медиумското претставување итн. Од ДИК се бараше да излезе со свој став во однос на тие прашања и дилеми.

- Според член 12 од Законот за референдум, предлагачот ја води пропагандата од свои средства, во конкретниот случај тоа е Собранието на РМ. Што се однесува до вработувањата, овде не се работи за избори, туку станува збор за референдум кој се спроведува на државно ниво и мој личен став е дека вработувањата не влијаат на процесот на референдум.

Како ги коментирате изјавите од одредени експерти, но и пратеници дека пропагандата која што ќе се спроведува за референдумот на крајот ќе се сведе на кампања на политичките партии?

Парламентот е законодавен дом кој е составен од пратеници кои се од политички партии. ДИК не е законодавен орган, ние само спроведуваме закони. Законот за референдум е многу јасен, предлагачот е овластен да води пропаганда со сопствени средства. Член 12 од Законот за референдум е многу јасен, ние не можеме да земеме од Изборниот законик член и да го наметнеме, затоа тоа не е направено ниту во Правилникот, значи тој е комплетно земен од Законот за референдум бидејќи тој е „лек специјалис“.

За референдумот има помал број пријавени иселеници за гласање во дијаспората во споредба со последните парламентарни избори. Кое е вашето мислење, зошто е тоа така или можеби се очекува македонските државјани да допатуваат во земјата и тука да се изјаснат за референдумот?

Јавниот повик за пријавување на дијаспората беше 15 дена. Тука немавме ниту скратување на роковите иако скративме рокови поради пократкото време. Неколку пати е повикано и од страна на ДИК граѓаните да се пријават, но тоа не значи дека граѓаните нема да дојдат тука во својата држава и да го искористат своето право.

На првата седница на ДИК вие ги повикавте македонските државјани од странство да дојдат во земјата и да се изјаснат за референдумот. Кој беше вашиот мотив?

На правата седница јас се обратив, не бев против гласањето на дијаспората, но зборував за начинот на организирање и за трошоците имајќи го предвид искуството од 2016 година кога имавме пријавено 20.000 гласачи, а гласаа само осум илјади. Беа потрошени некаде 500 до 600 илјади евра, и врз основа на тоа јас барав да им се даде право да доаѓаат тука да гласаат и да го искористат своето право. Бев за тоа да се смисли некој начин што ќе биде поевтин и поефикасен и затоа реков граѓаните да дојдат тука да гласаат. Тие сигурно ќе имаат трошоци исто така кога ќе одат од нивните домови до ДКП-та. Тоа ги чини нив и нам не чини и за да заштедиме во тој дел затоа рековме да дојдат тука да гласаат.

Има ли пресметка ДИК колку ќе се заштеди со тоа што дел од избирачките одбори сега се амбасадорите и вработени во ДКП-та и конзуларните канцеларии?

Избирачките одбори ќе бидат без претставници на политичките партии и сега ќе бидат со по шест членови, а не со десет. Тука имаме заштеда, како и во делот на амбасадорите и вработените во претставништвата. Ние направиме план, но се уште не знаеме во колку места ќе се гласа и колку ќе има пријавено.

Како ја оценувате состојбата во Избирачкиот список, има ли фантоми, или нема?

И мој личен став е дека Избирачкиот список не е идеален, но ви тврдам дека фантоми нема. Тоа е континуиран процес, службите тука во ДИК ги прават измените и тоа зависи од податоците што ги добиваме од институциите кои се поврзани со Избирачкиот споисок. Ве уверувам фантоми нема, не е сигурно идеален, но фантоми нема. Ќе ви кажам пример од населеното место кај што доаѓам. Питарница се вика населбата. На мојата лична карта е Питарница 1, на брат ми Питарница 5, на сестра ми 3, значи живееме во иста куќа, на иста адреса. Можеби некој друг има исто Питарница 1. Кажано е во МВР каде што вадевме документи. Освен тоа колку што знаеме повеќето од куќите особено беа дивоградби. Во МВР за да излезат во пресрет им ваделе лични карти на луѓето. Јас стојам на тоа дека фантоми нема во Избирачкиот список.

Ќе се стаса ли со внесување на затворениците во Избирачкиот список? Во последните изборни циклуси имаше проблеми со гласањето на затворениците кои немаа лични документи. Сега ДИК во соработка со МВР се обиде да го надмине овој проблем.

Да речеме дека тој проблем е надминат. Ние чекаме да стигне кај нас списокот дека им е дадено одобрение да им се издадат лични карти, ние да ги ставиме во Избирачкиот список. Досега се сликани 150 затвореници кои прифатиле да извадат лични карти.

Каква е соработката меѓу членовите на Државната изборна комисија? Сите доаѓате од различни политички партии. Вие сте предложение од ДУИ.

Досегашната соработка е добра. Пред да дојдеме тука сите дадовме свечени изјави дека ќе работиме според законските прописи и Уставот.

Не чуствувате од одредени членови влијание од ставовите што доминираат во нивните политички партии?

Досега сите одлуки, се што е донесено е врз основа на Уставот и законските прописи.

Како врз вас и ДИК влијаеше онаа информација која излезе од судот дека претседателот на ДИК наводно е дел од телефонски разговор што се однесува на претходен изборен циклус?

Како што ви кажав, и претседателот и сите членови на ДИК сите одлуки ги носиме според законот и според Уставот.

Што друго и преостанува да се спроведе до 30 септември, кога е закажан референдумот?

Останува да се одржат обуките со Општинските изборни комисии, тие потоа да одржат обуки со избирачките одбори. Избирачкиот список во кој ќе бидат извршени сите промени кои произлегуваат од јавниот увид отпечатен во вид на изводи, ДИК ќе го заклучи најдоцна до 7 септември. Избирачкиот материјал ќе се достави 72 часа пред одржување на референдумот. Гласањето на дијаспората ќе биде на 29 септември, а членовите на избирачките одбори што ќе патуваат во странство ќе гласаат три дена пред денот на гласање. Постапката за пријавување на болните и изнемоштени лица е иста како за избори односно седум дена пред гласањето.

Зошто беше предизвик за вас работата во ДИК, ако се земе предвид и тоа дека ова е привремена функција?

Јас бев прва жена секретар и во општина Гостивар и истото прашање ми го поставуваа таму дали може да се излезе на крај со обврските. Мислам и како предизвик Ви кажувам дека за мене е ново искуство, сум била член на општинска изборна комисија во Гостивар, сакав да видам како излгледаат работите од аспект на Државната изборна комисија. Досега мислам дека не е некоја работа што не се може, ако се има добра волја и ако се сака нешто може да се заврши. Доаѓам од локално ниво и ова за мене е предизвик и се надевам дека ќе го завршам успешно.

Елизабета Вељановска Најдеска


Администратор
25/08/2018 12:46