Официјалниот дел на програмата на Струмица опен се одвива до 19-ти овој месец. Годинава се одржува под мотото „Слушај го срцето“, а акцент е ставен на музичките концерти кои ќе ги донесат хип хоп, рок, џез, класичните, етно, поп и електронските звуци во Струмица.
Каква е концепцијата на седмото издание на „Струмица опен фестивал“?
- Се обидуваме секое издание да биде поразлично и сè поатрактивно за публиката, но и да ги задржи своите најпрепознатливи елементи. Програмата е целосно бесплатна и за сите возрасти и вкусови. Годинава решивме концептот да добие една проширена форма, особено со осумте настани во јули кои совршено го најавија седмото фестивалско издание. Од синоќа до 19 август е официјалниот дел од програмата која годинава е под мотото „Слушај го срцето“. Со официјалната фестивалска програма ставаме поголем акцент на музичките концерти кои ќе ги донесат хип хоп, рок, џез, класичните, етно, поп и електронските звуци во Струмица.
Заврши оф програмата на Струмица опен фестивал. Главната фестивалска програма почнува денес. Што ќе им понудите на гледачите?
-За отворање на главната фестивалска програма го имаме популарниот и уникатен проект на Камерниот Оркестар на Битола насловен „Rock Symphony“. Нивниот настап беше синоќа на сцената кај Чешмичката од 22:00 часот. Денеска од 21:00 часот во Струмица ќе се случи второто издание на македонско-бугарската турнеја One Lovе која сподеулва една љубов преку границите на Македонија и Бугарија. Свои настапи ќе имаат Слаткаристика, Next Time, Графа, Оратница, Саф Sound System и Јојо ѕвездички. Еден од најспецифичните настани на Струмица ОПЕН фестивал низ годините е вечерта посветена на џез музиката. Годинава на 12 август од 22:00 часот на сцената кај Чешмичката ќе настапат бендовите Сашо Поповски Трио и Fierce. Членовите на Скопскиот брас квинтет ќе ги покажат лимените дувачки инструменти во една поинаква улога на СОФ 2018. На 13 август на Езерцето од 22:00 часот ќе изведат концертен облик на настан надвор од класичниот репертоар со избор композиции од легендарните групи „Queen “ и „The Beatles“. Од 13 до 15 август во Струмица ќе се одржи уште едно издание на забавната Летна школа за гитара. Петтото издание на школата во рамките на манифестацијата Струмица ОПЕН фестивал годинава ќе го има најсилното издание! Предавањата со виртуозот Влатко Стефановски ќе бидат на 14 и 15 август, а истата вечер на Езерцето ќе се одржи и завршниот концерт на кој ќе настапат сите успешни учесници на школата заедно со нивните предавачи. Момците од Нокаут ќе ги донесат најромантичните звуци на препознатливата сцена во градскиот парк на годинашното седмо издание на Струмица ОПЕН фестивал. Бендот ќе настапи како дел од културно-уметничката програма со целовечерен концерт на 14 август од 22:00 часот на Езерцето.
Малите сцени на Струмица ОПЕН фестивал ќе го имаат затворањето со „Најдоброто од Каролина Гочева“. Најпопуларното „Македонско девојче“ за првпат ќе одржи голем концерт на отворено пред струмичката публика на 16 август од 22:00 часот на сцената кај Езерцето.
Може ли да се каже дека од година во година Струмица опен фестивал е едно големо културно лето за струмичани, но и пошироко?
-Големата слика која што како организатори ја имаме за СОФ беше токму тоа-да прерасне во едно големо струмичко културно лето. Драго ни е што годинава публиката го доживува токму како таков подолготраен летен проект и го уживаат новиот концепт. На крај, посетеноста на настаните ќе биде најголем доказ дали сме успеале, а секако тука ќе бидат и деталните анализи на проектниот тим.
Дали концептот од се по нешто и за секого по нешто во смисла на културно-забавни содржини искомбиниран со настапи на балкански музички ѕвезди е рецептот за успех на Струмица опен фестивал во изминативе седум години?
-Јас само би кажал дека тоа е рецептот на нашата различност. Во градовите низ Македонија во летниот период се одржуваат многу фестивали, а Струмица опен фестивал се издвојува заради богатата културно-уметничка, едукативна, забавна и музичка програма која не опфаќа само музички концерти на големи ѕвезди. Со давање шанса за настап сме поддржале многу локални и домашни уметници од андерграунд сцената, а сме активирале многу мали отворени сцени кои имаат посебна енергија.
Организатор на СОФ е Здружението КЗЖ од Струмица. Колку успевате финансиски да се покриете со оглед на тоа дека сите програми кои се презентираат на фестивалот се бесплатни за публиката?
-Јасно е дека за фестивалот да има комплетно бесплатна програмата мора да има голем буџет. Уште на почетокот, општина Струмица го препозна капацитетот на нашата идеја и заедно успеавме да го направиме фестивалот еден од најголемите брендови на Струмица, покрај струмичкиот карневал. Градоначалникот на Општина Струмица и Советот на Општина Струмица седум години се главни покровители на фестивалот. Тука секако се и големите општествено-одговорни компании кои ги поддржуваат ваквите културно-уметнички и музички манифестации.
Како го гледате во иднина Струмица опен фестивал?
-Во блиска иднина фестивалот ќе ги задржи оние настани кои биле позитивно оценети од публиката. Секако ќе го шириме концептот со уште покреативни настани кои ќе го задоволат вкусот на сите генерации и возрасти. Секако, за 5 или 10 години отсега, посакуваме да добиеме комплетно интернационален фестивал во Струмица.
Ристо Тасев