Поручник Александра Бошковска неодамна го презеде командувањето со првата чета од Првиот механизиран пешадиски баталјон и со тоа стана првата жена во АРМ која раководи со оваа единица чија мисија е и извршување на борбени задачи. За љубовта кон професијата, за предизвиците, соработката со своите колеги војници Бошковска зборува за МИА.

Неодамна станавте командир на Првата чета од Првиот механизиран пешадиски баталјон и со тоа сте првата жена во АРМ која раководи со оваа борбена единица. Колку сте задоволни од оваа ваша нова должност?

Да, неодамна сум поставена на оваа должност командир на прва чета и со тоа го добив епитетот прва жена во историјата на АРМ која била поставена за командир на пешадиска чета. Секако дека сум задоволна, ова е голем успех за секој млад офицер. На Воената академија се пријавив 2010 година бидејќи имав желба да работам во армијата уште како дете. Сонот ми се оствари со приемот на академијата каде поминав четири успешни и за мене незаборавни години. По завршувањето бев поставена на работно место командир на вод. Оваа должност ја извршував три години. Мора да потенцирам дека имав поддршка од колегите, од претпостеваните и потчинетите. За овие три години заедно со водот постигнавме задоволителни резултати.

Какви се реакциите од колегите и пријателите?

Добив многубројни и искрени честитки од колегите и од пријателите. Во моето семејство нема и немало припадник на АРМ освен мене, а тоа за моите најблиски претставува голема гордост. Нивните реакции беа многу позитивни за мене. Секој успех зависи од личната ангажираност, посветеност секако и од поддршката за која претходно потенцирав дека ја имав.

Во мај годинава предводевте единица со јачина на еден вод која учествуваше на меѓународната теренска вежба „ЕФЕС 2018“ во Измир, Република Турција. Што беше клучно за да добиете пофалби за учеството на вежбата и дали беше тешко да се презенирате на меѓународно ниво како предводник на единицата?

Да, учествувавме на меѓународна вежба во Република Турција, каде што бев командир на водот и воедно национален претставник. Добивме пофалби за нашето излагање како пешадиски вод и сите предизвици ги прифаќавме и извршувавме професионално. Таму бев единствено женско меѓу сите припадници, а имаше над 10 држави кои учествуваа со своите единици. Им беше чудно како може женско да биде во пешадија и како може да биде во ист ранг со сите останати мажи. Не ми беше воопшто тешко да ја презентирам единицата на меѓународно ниво, а воедно ги почитувавме сите правила и безбедносните мерки. Како Ве гледаат колегите со кои командувате, тешко ли е како припадник на понежниот пол да се работи во ваква претежно машка професија? Колегите и војниците ме гледаат како претпоставен старешина и нивен командир, без разлика на полот и возраста. Иако повеќето од нив се доста постари и со подолго работно искуство од мене, тие кон мене се однесуваат професионално, според прописите и правилата. Не е тешко да се работи ваква професија. Сите ние во Армијата, без разллика на полот, треба да бидеме подготвени во секој момент дисциплинирано и одговорно да ги извршуваме задачите и наредбите кои ќе се бараат од нас. И јас и моите колешки сме подготвени да одговориме на сите предизивици без оглед на тоа што сме жени. И половата припадност не треба да го определи успехот на поединецот. Дали се соочувате со стеротипи дека во оваа професија треба да командуваат исклучиво мажи? Не, не се соочувам со такви стереотипи. Во нашата Армија има голем број девојки и жени кои работат професионално. На почеток бевме мал број женски офицери и имаше зачудувачки реакции, но со текот на времето бројот се зголеми, работата си е рамномерна, без разлика на полот и не гледам никаков вид на предрасуди и стереотипи. Има голем број припаднички во АРМ кои посебно се истакнуваат во извршување на должноста и за тоа добиваат само признанија и пофалби. Кои се препораките за младите девојки кои својата иднина ја гледаат во АРМ на Р.Македонија? На младите девојки кои би сакале да се приклучат кон оваа професија им препорачувам да се стремат кон своите цели и да се пријавуваат на конкурсите. Најбитно е да се сака униформата и професијата. Јас познавам многу девојки кои имаат голема желба да се приклучат во редовите на нашата Армија и им посакувам успех во иднина. Ги охрабрувам да го следат својот сон, да вежбаат, да инвестираат во себе и пред се самите да си веруваат, да се мотивираат и да ги следат своите цели. Кои се вашите идни планови, што е она што сакате да го постигнете на среден и долг рок? Понатаму во кариерата ќе поминувам низ разни должности и ќе ми се доделуваат разни функции. Јас ќе продолжам да работам правилно ќе настојувам да одговорам на сите предизвици. Александра Максимовска


Администратор
28/07/2018 16:02