Многу патишта водат до прилепско Мариово. Оној најпознатиот, асфалтниот од Прилеп, преку Штавица кој едно време го имаше патоказот „Мал Холивуд“ поради филмовите на Милчо Манчески, а потоа и преку превојот Слива упатува на мариовските пространства. Другите се или тампонирани, преку Беловодица или „козји“ патеки, за сите скришни, освен за Мариовци за кои на шега се вели, имаат „чекор планина“.

Мариово сѐ уште ги има ридестите пространства. Било да е во прилепскиот, битолскиот или во кавадаречкиот дел. Ама, сѐ помалку ги има Мариовци, „планинските“ луѓе, отпорни, прекалени низ вековите на буни, востанија, на „крпен живот“, на горделивост, тврдоглавост и решителност. Горделивоста и тврдоглавоста останале, ама решителноста ги испратила во „големиот свет“ по подобар живот. Како, впрочем, и секој човек поради вродениот ген за преживување.

За да се стигне до „вистинското“ Мариово, треба да се помине Црна Река и Расимбегов мост. Е, тогаш, ридовите, каменестата природа, пространите пасишта, сѐ до „Железна врата“, неформалниот граничен премин за Мариовци - сето тоа е допреното, но неосвоено Мариово. До ден денес. За тоа се бројните легенди: за војските што го поминувале, уште од „турско“, а потоа од „фронтот“ од Првата светска војна; за закопаните богатства околу Расимбегов мост, што ги оставале за пак да им се вратат, за кои имаше непотврдени приказни 90-ите години од минатиот век дека и државата ги барала; за подвижните болници крај Црна. За тоа дека и Хитлер, како каплар од Првата светска војна бил ранет и лекуван во Мариово, па затоа не го окупирал, и што ли уште не.

Рудното богатство постојано го привлекува вниманието. И денес се ископуваат мермер, гранити, благородни камења. Мистеријата и тука останува. Само потсетување на рудникот „Алшар“ кој до ден денес ја крие загатката за посебноста на рудата го застанува здивот...

Последниот повод да го посетиме Мариово, а го посетуваме и поради планинските велосипедски трки, поради пештерите, посебно Мелничката пештера која фасцинира со таинственоста, е средбата на повеќето некогашни, а малкуте сегашни жители на традиционалната средба „Мариовско-мегленска“ во закрилата на манастирот „Свети Илија“ кај Витолиште. Средбата е повеќе мариовска, отколку мегленска, оти времињата си го направиле своето. А и мариовската средба на иселените поранешни жители е сѐ помалкубројна.

Жалосно е тивкото Мариово без жители. Сместено во јужниот дел на Македонија, Мариово се простира на површина од околу 1390 километри квадратни, што е околу пет отсто од македонската територија, Според Пописот од 2002 година имало 839 жители. Ама, според „пописот“ на сегашните жители претежно стари, има околу 300. И не се сите постојани. Дел од годината поминуваат во блискиот град, а на лето се во родниот крај. Тоа го потврдува и 77-годишниот Стојан Вршковски, жител на Витолиште. Средништето на поранешната општина.

- Во Витолиште се околу 40 жители, главно стари, има неколку помлади, но тоа не е ништо. Витолиште „вриеше“ од живот, училиштето од детскиот џагор. Пред 15-ина години славевме оти по долго време се роди дете. Ама не остануваат младите. И што ќе прават? Им треба училиште, живот. Овде е како дом за старци. Ни доаѓаат в лето да берат печурки, особено вргањ, да соберат боровинки, лековити билки. И толку, вели Вршковски.

По некое трло и стада овци се белеаат низ мариовските падини. Но тоа е само мал процент од илјадниците. Цело Мариово се белееше. А кога ќе каснеш мариовско „тепано“ сирење (биено), како да си допрел рајски вкус, раскажуваат мариовци седнати на клупите, камењата, стиснати во сенките на дрвјата во манастирскиот двор.

Како мариовската волна некогаш, така сега се распредуваат приказните за Мариово, за посебните карактеристики што го издвојувало низ вековите, оти се живеело во затворена средина, како светот да не допирал до нив. За Мариово секогаш се зборувало дека е неосвојиво. Тоа е висорамнина оградена со планини. Има малку премини кои лесно се бранат. Тука поминува патот „Виа Игнација Салутарис“, патот на порезите кои се пренесувале низ оваа териоторија. Поврзан бил со Хераклеја, па оттука со пристаништето Драч. За да се пренесуваат тие пари безбедно. И за да се живее во Мариово, велат, треба да си роден таму во специфичните услови за живот. Затоа Мариовци изградиле специфична материјална и духовна култура. Направиле систем на села, правила, обичаи како непишани закони, но ја одредувале реалноста на животот. Дури имале и посебно задолжени жени кои плачеле на погреби. Имале многу табу – места за обреди, за магија.

Кон „муабетите“ за Мариово се придружува и Стојан Ѓуровски, од здружението за Мариовско-мегленските културни средби. Вели, во повеќе од три децеении поттикнувале сѐ што може да го „разџагори“ сега тивкото Мариово.

- Сме организирале и научни трибини, сме ги прашале стручњаците - може ли Мариово да заживее? Велат, ако се изгради хидроцентралата Чебрен и Галиште на Црна Река, ако се активира „рудникот“, може да се направи живо Мариово, објаснува Ѓуровски, а за туристичкиот, културниот развој има материјал колку ти душа сака да ги воодушеви и најпребирливите. Оти, многу е таинствено Мариово. И не само во пишувањата на Стале Попов кој го слика некогашниот негов живот. Патем, прилепските локални власти најавуваат обновување на неговата родна, трошна куќа во Мелница.

Мариово е полно со култура, историја, духовност. Во оваа област не случајно има и над 60 видови ендемски растенија, па дури и птици. Мариово блика со етно култура. Ја има најтешката невестинска народна носија што е вистинско етнолошко богатство. Во таква носија невестата морала три дена да служи за да се покаже дека е здрава за да работи и да даде поколенија. Мариово е и воздушна бања, место изолирано од сите текови на бурното живеење. За да се искористи богатството на Мариово треба многу стручен приод, заклучуваат некогашните мариовци.

И така течат муабетите за големото, таинствено, сега раселено, но никогаш неосвоено Мариово. Но, цело време се провлекува нитката, како на вретеното на мариовките додека се „засукувала“ волната, дека Мариово не може да ги врати своите жители. Нема враќање на она што било некогаш, ама може да се ужива во мариовската пространа шир, да се чуваат културата, посебноста и таинственоста на Мариово, категоричен е Димитрија Маркоски, некогашен жител на Мариово.

- Моите се иселија уште 70-ите години. Нема враќање назад. Со децении се пропуштени приликите за изградба на инфраструктурата во Мариово. Не може еден пат да ги врати Мариовците. Ама убавината, историјата, манастирите, приородата, секогаш ќе не враќаат, макар повремено во оваа непрегледна мариовска широчина, воздивнува со носталгија Маркоски.

Така е со Мариово. Храбро се носело со животното бреме низ вековите, тврдоглаво одолевало на времињата. Ама, Мариово ја загубило единствената битка низ вековното опстојување. Битката со модерното време.

Но, Мариово за мариовците ќе остане родното огниште на кое, барем повремено, ќе му се навраќаат. Макар да ги оттргнат спомените од заборавот, да ја зачуваат сликата од своето Мариово. Раселено, ама, до ден денес, неосвоено.

Елизабета Митреска


Администратор
20/06/2018 01:53