Скопје, 18 мај 2018

Милан Кучан, првиот претседател на Република Словенија, во интервју за МИА вели дека Македонија покажа доволно храброст во обидот со Грција да изнајде решение за спорот со името, кое е сложено и кое е неправедно кон Македонија. Ова прашање, смета тој, не може да биде само билатерално прашање на Македонија и на Грција, туку тоа е прашање и на Европската унија, која треба многу повеќе да се ангажира. Во регионот и Европа, Кучан смета дека недостасуваат државници кои ќе бидат подготвени да прифатат одговорност за своите одлуки, имајќи предвид какви долгорочни последици ќе имаат тие одлуки за нивните земји, за населението и пошироко.

Господине Кучан, Вие сте еден од пријателите на Македонија, чии граѓани секогаш позитивно реагираат кога ќе го чујат Вашето име. Како ја оценувате актуелната ситуација во Македонија? Имаме нова Влада, во очекување сме на датум за преговори за влез во Унијата, а во тек се и разговори за решавање на долгогодишниот спор за името со Грција.

Мислам дека со новата Влада на премиерот Зоран Заев дојде една гарнитура која јасно и недвосмислено се определи за европскиот пат на Македонија, за пат за интеграција во ЕУ и за НАТО, и дека е подготвена да ги исполни условите кои се потребни за да се спроведе членството, влезе во длабоки реформи, решено е прашањето, мислам на добар начин, на меѓунационалните односи во Македонија, кое е многу болно прашање, со реализација на Охридскиот рамковен договор. Македонија покажа доволно храброст во обидот со Грција да изнајде решение за спорот со името, кое е сложено и кое е неправедно кон Македонија. На крајот на краиштата, секоја држава има право себе си да си даде име какво што таа мисли дека заслужува. Но, бидејќи тоа прашање е нерешено долги години и главна препрека за почеток на преговори, или барем една од главните препреки за почеток на преговорите за влез на Македонија во ЕУ, мислам дека решавањето на тоа прашање би покажало дека Македонија е подготвена да ги исполни условите и да се покаже како веродостојна кандидатка, а од друга страна ЕУ мора да ја покаже својата волја дека сака да ја прими Македонија во своите редови, да ја отвори вратата на Европската унија. Мислам дека досега ЕУ не покажа големо ангажирање и постојано со прст покажувајќи дека треба прво да се решат прашањата во Македонија. Внатрешните прашања мислам дека се на пат да се решат, како што реков, а ова прашање за односите меѓу Македонија и Грција не може да биде само билатерално прашање. Тоа е прашање и на Европската унија и мислам дека Унијата треба многу повеќе да се ангажира. Друго е прашањето зошто толку се одлага не само прашањето за Македонија, туку воопшто проширувањето на Европската унија. Знаете дека за тоа работите се блокирани, не само во однос на Македонија бидејќи тука, пред се, се барањата на Франција да се посвети повеќе внимание на внатрешните односи во Унијата, внатрешната интеграција, за така во таа нова кондиција ЕУ да биде подготвена да им ги отвори вратите на новите членки.

Сметате ли дека рокот 2025-2028 година е реален за проширување на Европската унија?

Мислам дека, пред се, е важно Македонија да добие датум за да почнат преговорите. Дали ќе биде рано да заврши тој процес во 2025-та, тоа, според мене, е секундарно прашање и не зависи од Македонија, зависи од тоа колку ЕУ ќе биде подготвена со јакнење на својата внатрешна интеграција да биде отворена или во состојба да го поднесе проширувањето со нови членки. Условите се знаат кои се, и кога ќе бидат исполнети тие услови, тогаш јас не гледам причини зошто би се одлагало проширувањето со полно право и одговорности.

Како ја оценувате состојбата во земјите од регионот?

Мислам дека ситуацијата е доста сложена, пред се, од безбедносен аспект и во тоа светло треба да се разбере зошто тие земји сакаат, пред се, влез во НАТО, во ЕУ можеби помалку, за да ја обезбедат својата сигурност и безбедност. Тука се преклопуваат геополитичките интереси на начин кој во еден дел е легитимен, на друг начин кој не е легитимен, кој предизвикува сомнеж, несигурност, ослабување на принципите, и мислам дека пред се, треба во Брисел да сватат дека европската сигурност не може да биде обезбедена, ако не е обезбедена овде на југоистокот на Европа. Значи, таа ситуација ја гледам и кај бегалскиот проблем. Се покажа дека тоа и тоа како е поврзано и дека со своето однесување Македонија покажа дека таа може да биде и е веродостоен партнер во решавање на такви прашања. Покажа висок степен на солидарност што некои членки на Унијата не ја покажаа.

Можат ли земјите од Западен Балкан да одговорат на тој геостратешки притисок на западот од една страна, и на истокот од друга страна?

Сами не можат. Поради тоа е толку јасно изразена нивната желба да влезат во тие интеграции. Како дел од интеграцијата, тие се чуствуваат посигурни, многу ќе придонесуваат и на сигурноста во целина. Но, вака препуштени сами на себе со постојано одлагање, паѓа мотивацијата, и тогаш, секако, секоја за себе бара подобра позиција. Некогаш и надвор од контекстот што би и одговарал на Европа, која треба да е свесна за значењето на сигурноста и безбедноста на тој простор.

Важите за еден од политичарите кој недоразбирањата и проблемите ги решававте по мирен пат и по пат на дијалог. Можете ли да направите една паралела, споредба на државниците од регионот во периодот кога вие бевте претседател со оние кои денес ги предводат државите од регионот?

Мислам дека се променија приликите од она време кога ние работевме, јас, да речеме и покојниот Киро Глигоров, во време кое беше многу деликатно, по завршувањето на поделбата на блокови на Европа, по кризата која ја зафати Југославија и барање решенија. Секако за барање мирен пат, секогаш е потребно сите партнери да бидат склони кон тоа проблемот да биде решен по пат на дијалог, а не по пат на сила и изнудување од позиција на појак кон послаб. Денес е време на прагматични политичари, не само во регионот туку и во Европа, понекогаш би рекол дури тоа не е прагматизам туку опортунизам, дека не се решаваат проблемите според критериумите на основните вредности и идеи на кои се темели здружувањето. Можеби тоа е најдобро да се илустрира со познатата реченица: Политичарите (рачунају) пресметуваат од избори до избори, а државниците гледаат долгорочно. Во Европа па и на овие простори недостасуваат државници кои ќе бидат подготвени да прифатат одговорност за своите одлуки, имајќи предвид какви долгорочни последици ќе имаат тие одлуки за нивните земји, за населението и пошироко.

Во Скопје сте на покана да одржите предвање на меѓународна конференција насловена Европа Балкан. Освен што држите вакви предавања, со што се занимавате сега?

Ја следам ситуацијата колку што можам. Како пензионер читам и садам садници во мојот двор.

Елизабета Вељановска Најдеска


Администратор
18/05/2018 13:30