24 април 2018

Д-р Лукреција Маљковиќ-Атанасовска е основач и директор на Академијата за протокол на Македонија и меѓународен консултант по етикеција и протокол, сертифициран од Школата за протокол од Вашингтон за Република Македонија. Таа член на Меѓународната асоцијација на службеници за протокол и дипломатија со седиште во Вашингтон, САД.

Дали сметате дека во Македонија има добар протокол?

- Морам да забележам дека за време на претходната Влада имаше малку повеќе чувство за важноста на овој сегмент, сега Владата е нова, претпоставувам дека се уште се екипира и оди малку побавно, меѓутоа се надевам дека конечно во Македонија ќе престане да се импровизира овој сегмент. Најчесто, луѓе што работат протокол во Македонија, се луѓе кои немале никакво искуство во тоа поле. Има професионалци, но се многу малку.

Што можете да издвоите како пример за добар протокол?

- Постојат многу земји што имаат извонреден протокол, па дури и во нашето опкружување. Поранешна Јогославија, на пример, имаше протокол од светски рамки. Ние како земја само требаше да се водиме по тој пример. Кај нас, направен е некој сублимат во кој се ставени и работи кои не ни се сродни. Генералната тенденција во светот денес е практичноста. Вие ако направите споредба со протоколот од минатото, каде што имало церемонијали, каде што посетите траеле по неколку денови и сегашните протоколи, ќе забележите дека се е сведено на практичност, за што најдобар пример е Европската унија.

Колку години сте вие во оваа професија?

- Јас работам од 1996 година во организација, но како службеник за протокол започнав да работам во 2000 година, кога се вработив во американската Амбасада. Тоа значеше опслужување на амбасадорот и сопружникот и заменик-амбасадорот и сопружникот, односно организирање на сите приеми, состаноци и вечери на кои тие беа домакини. Од 2008 година работам на обуки за протокол.

Дали сметате дека кај нас политичарите го почитуваат протоколот, бидејќи се забележуваат многу пропусти, кој е виновен за тоа лицата кои го водат протоколот или нивните шефови?

- Мислам дека е двете страни, често зборувам со колегите за тоа, има голем број политичари кои воопшто не го почитуваат протоколот, од друга страна лицата кои се задолжени за тоа не знаат да се наметнат. Се сеќавам на покојниот Киро Глигоров, тој максимално ја почитуваше жената која го водеше неговиот протокол и сите нејзини инструкции. Тоа е таа стара школа на политичар кој почитува протокол. Постои една поговорка за тоа – со терористи се преговара, со протокол не. Поради тоа се функционирало беспрекорно, политичарите го почитуваа протоколот, но и протоколот знаел да се наметне. Сега, моите колеги како да се плашат.

Какво е вашето искуство во однос на почитувањето на протоколот?

- Јас сум имала шефови кои ме слушале кога ќе им посоча нешто, на пример, променете ја вратоврската не можете да одите на комеморација со светла вратоврска и поради тоа подоцна ми се заблагодарувале, но сум имала и шефови кои кога ќе им сигерирам нешто ми велеле „кој го кажа тоа“, а подоцна кога ќе пишивале во весници за грешката што ја направиле, сфаќале дека требало да ме послушаат. Поради тоа велам дека е важно протоколот да се наметнува и многу е важно да се има знаење за сите негови сегменти за да ја добиете потребната почит од шефовите.

Изби скандал поради црвениот килим што беше поставен во винаријата „Тиквеш“ при доаѓањето на премиерот Зоран Заев. Дали протоколарно тоа беше грешка?

- Не, според мене само требаше килимот да биде друга боја, потемна. Сметам дека тоа е мала грешка на протоколот.

Зошто кај нас постои таква неорганизираност?

- За да не се случи тоа, на пример, Американците за секој настан имаат генерална проба. Буквално за секој, исто така имаат и план Б и план Ц, доколку се случи нешто што не е предвидено, доколку заврне, доколку некој гостин не дојде... Ништо не оставаат на случајност, па дури и во таков случај се случувале грешки. Мислам дека кај нас е најголем проблем што не постои една служба за протокол како во сите држави. Сите политичари имаат свој тим за протокол и кога неколкумина од нив треба да се појават на еден настан постои некоординираност помеѓу тимовите. Не сакам да звучам навредливо, но се сеќавате дека во претходниот владин состав, кога премиерот Никола Груевски и претседателот Горге Иванов ќе присуствуваа на ист настан, поренешниот премиер беше централната личност, со што се доведуваа во ситуација чиј протокол е „посилен“, што е недозволиво.

Бидејќи имате искуство со американските политичари, споредбено кој повеќе почитува протокол, поранешниот американски претседател Барак Обама, или сегашниот Доналд Трамп?

- Обама, тој човек не дозволуваше да се направи грешка, за секој говор, секој момент беше претходно испланиран, каде да застане, кога да се насмее, кога да ја гушне сопругата, кога да ги заврати ракавите на кошулата, како да се однесуваат неговите деца, а за разлика од него Трамп не го почитува протоколот и тоа веднаш се забележува.

Која земја е на нашето, ниско ниво, во однос на протоколот, а од која земја сте воодушевени за спроведување на протокол?

- Ние сме во рамките на земјите од Западен Балкан, а на пример азиските земји имаат извонреден протокол. Често ги спомениваме САД, но и кај нив се прават грешки, но кога некоја земја е толку многу експонирана и сите очи се вперени во нив, нормално е да се забележува и најмалата грешка.

Кои се разликите меѓу европските земји и САД, бидејќи се забележува дека европските политичари демонстрираат голема строгост, додека кај американските се забележува поголема опуштеност и народност при излагањата?

- Америка е понова земја и во нивната култура има поголема опуштеност, додека од друга страна ги имате европските земји каде во минатото се спроведувал многу строги дворски протоколи и поради тоа постои разлика, дури Американците се смеат на некои сегменти од поранешните европски протоколи и европската култура, од друга страна Европјеците им се смеаат на Американците дека изгледале како „дивјаци“ во минатото. Тоа се забележува и денес, строгоста кај Европејците се уште постои, додека Американците, еве како на пример сопругата на Барак Обама, Мишел Обама излегуваше во јавност по апостолки. Но, се случи пресврт откако дојде на власт Доналд Трамп, бидејќи неговата сопруга Меланија Трамп ја има европската култура и строго ги почитува европските „правила“. Имено, 90 отсто од протоколот во земјите е ист, но останатите 10 проценти ја прават разликата, што не значи дека е погрешно.

Од кои јавни личност сте најмногу воодушевени?

- Поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ, прекрасен човек и извонреден политичар. Исто така и американскиот амбасадор за кого работев, Лоренс Батлер. Претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски. Би го споменала и Хавиер Солана.

Заклучно, што ќе добијат оние што ќе ги посетат обуките на Академијата?

- Академијата за протокол на Македонија е единствена институција од ваков вид во земјата која нуди обука за протокол и етикеција по сертификација на Школата за протокол во Вашингтон. Наставната програма е професионално дизајнирана и ја следи теоријата на образување на возрасни преку вклучување на индивидуален пристап кон учењето.

Знаење за правилниот деловен, општествен и дипломатски бон-тон, усовршување на манирите и стилот во интеракцијата со други, познавање на дипломатскиот протокол при работа со официјални и дипломатски лица, вештини за подготовка и организација на репрезентативни настани, состаноци, дочек на гост и делегации, подобрување на меѓусебната интеракција со претпоставени, потчинети и колеги од ист ранг, стручност и компетентност во деловната и дипломатската комуникација, подобар личен и професионален имиџ, совладување на правилата на трпезата, совладување на правилата на кодексите на облекување, познавање на мулти-културните разлики и поголема самодоверба за работа со меѓународни организации и форми од странство, подобра професионалност во работење со странски партнери, зголемена самодоверба во официјалните, формалните и неформалните контакти, знаење за меѓународната и личната дипломатија, подобри комуникациски и говорнички вештини и јавен настап, подобри односи со јавноста, разбирањето на кодексот на облекување...

Симона Митровска


Администратор
24/04/2018 19:56