Поранешниот министер за здравство во владата предводена од СДСМ, сега актуелен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, откако ја превзема оваа функција, и општинaта генерално, речиси секојдневно се соочуваат со проблеми. Вели „Јас сум секојдневно со моите граѓани, често ги смирувам, бидејќи многу од нив се револтирани со ДУИ и СДСМ. Јас немам дилеми, кога се има искрена намера, резултатите се неизбежни. На крај знам дека тие што опструираат ќе се срамат и веќе сигурно ги гризе совеста“.

Како што наоѓа време за граѓаните на Гостивар тој наоѓа време и за своите пациенти, поточно наоѓа време да дојде и на работното место во Клиничкиот центар.

Во интервју за Makpress.mk говори за проблемите со кои се соочува, но и за тоа како се справува со истите.

1. Имате низа на проблеми откако седнавте во градоначалничката фотеља, се започна со доцнење или проблеми со Буџетот, што е клучно за функционирање на општината? Зошто? Ве прашувам зошто, бидејќи проблемите според информациите не запираат.

Јас не би рекол проблеми, повеќе ми изгледа на специјална “војна” која ја раководи ДУИ, а СДСМ слепо ја поддржува и целта е едноставна уништување на албанската опозиција. Дури понекогаш и не ми се верува, луѓето од СДСМ со кои бев во иста влада, со кои секојдневно работевме во истата и разговаравме за подобра иднина на нашата држава, сега истите ги употребуваат сите можни државни механизми за да не се постави на дневен ред Предлог буџетот на општина Гостивар.

Понекогаш и размислувам, каде згрешивме, и секогаш е истата констатација, единствена грешка е дека жителите на Гостивар, гласаа за друг кандидат и изгуби заедничкиот кандидат на СДСМ и ДУИ. Дали поради овој избор гостиварчани заслужуваат по секоја цена да бидат казнети од централната власт?! Зошто тогаш се одржуваат избори? Нека ги назначи премиерот градоначалниците!

За ДУИ и разбирам, тие се режимска партија, 11 години функционираа со ВМРО-ДПМНЕ и никогаш за ниеден нивен заеднички криминал не реагираа, меѓутоа не можам да ја сфатам за СДСМ. Јас ги разбирам дека на избори ја искористија целата државна машинерија за да ме победат, меѓутоа народот одлучи да гласа против режимскиот функционер, и тоа поглавје заврши, зарем заслужува цел град од 100 илјади жители да биде доведен во ваква состојба?!

Јас сеуште се надевам дека СДСМ ќе се разбуди од оваа состојба и ќе почнат разумно да размислуваат, а ДУИ нема никогаш да се сменат, тие се канцер на општеството во Македонија, тие кога влегуваат во власт и веднаш метастазираат и почнуваат да ја разболуваат цела влада.

2. Каква е ситуацијата во општината? На пример има и случаи на напади, последниот беше напад врз учители? Што се случува? Се создава дури и впечаток дека Гостивар е несигурно место за живеење.

После локалните избори почнаа директни притисоци и закани кон советниците во општината, со цел да ми оневозможат да имам мнозинство во Советот. Притисоции и закани доаѓаа од највисоките функционери на владата. И успеаa во тоа. Потоа ова мнозинство не расправаше за Предлог буџетот, без никакво образложение. Дури и советници на ДУИ и СДСМ, гостиварчани ми кажуваа дека не е коректно ова што го прават, меѓутоа имаат страшен притисок од “горе”. Јас не можев да сфатам зошто?! Што добиваат од тоа што Гостивар нема Буџет?

Но, од нашите анализи, во изборната единица 6, од каде што излегуваат околу 15 пратеници Албанци, Алијансата за Албанците има три градоначалници и во општина Брвеница сме најсилната партија (во советнички листи), што вкупно доминираме во 4 општини, од вкупно 9, наспроти ДУИ, која има само 2 општини. И сето оваа господинот Ахмети го прави нервозен, и нормално врши притисок на Заев, по секоја цена да се направи секаков можен притисок на градоначалниците на Алијансата. И нормално после под огромни притисоци беа одземени ингеренциите за назначување на директори во основните и во средните училишта во Гостивар. На 20 март пред општината во Гостивар имаше протести, зошто селективно само на општините на Алијансата им се замаат ингеренции, а не на пример во Струга, каде што градоначалниокот е на ДУИ. Ова предизвика страшен револт и гнев кај просветните работници и граѓаните на Гостивар.

Потоа следуваше мобинг од присилно назначените директори на овие училишта према вработените наставници, која кулминираше со организирана бандитска воружена група која влезе во гимназијата во Гостивар и физички нападна двајца професори во работно време, пред учениците. Оваа беше скандал што не се случил во Гостивар никогаш, што е најлошо молк од медиумите, молк од синдикатите, молк од обвинителството, молк во полиција, молк од владата. Да не поверува човек, дека може ова да се случи во училиште во земја која е кандидат за членка на ЕУ. Да беа напаѓачите членови на Алијансата за Албанците јас ви гарантирам дека тие сега ќе беа зад решетки. Тоа е таа селективна правда. Дури се плашам да не ги казнат професорите кои беа претепани и завршија на Клиниката за неврохирургија во Скопје, а напаѓачите да бидат наградени со некакви државни функции?

Дали е Гостивар сигурно место, проценете сами, ова е тоа што се случува. Централната власт се однесува крајно непријателски!

3. Има ли шанси овие притисоците да сопрат, да сопрат проблемите од ДУИ кои се прават?

Нема дилеми дека ДУИ, полека ја става СДСМ во валкани игри, до таму што СДСМ се повеќе личи на режимската ВМРО-ДПМНЕ. Посакувам и се надевам дека СДСМ ќе се отрезни и ќе почне да биде критична на однесувањето кон институцијата градоначалник, избран на слободни и демократски избори од страна на граѓаните на една општина која броји околу 100 илијади граѓани.

4. Што можете во ваква ситуација да направите за градот и граѓаните?

Јас ќе дадам се од себе за да го оправдам мојот избор за градоначалник. Нема поголем долг отколку кога граѓаните од сите етнички заедници да ќе ти дадат да раководиш со нивната иднина во нивниот град следните 4 години. Мојата екипа и јас имаме чесни и искрени намери, пред се тоа е удобен град за сите. Јас сум секојдневно со моите граѓани, често ги смирувам, бидејќи многу од нив се револтирани со ДУИ и СДСМ. Јас немам дилеми, кога се има искрена намера, резултатите се неизбежни. На крај знам дека тие што опструираат ќе се срамат и веќе сигурно ги гризе совеста.

5. Споменавте дека сте зачудени од односот на претставниците од СДСМ со кои заедно седевте во владата, имате ли контакти со централната власт, вие бевте министер во владата на Заев?

Комплетна блокада. По се изгледа Заев не го гледа воопшто Гостивар, пречката нормално е Ахмети. Ќе помине време. Ние ќе ги покажеме нашите квалитети, на крајот на играта сигурен сум дека и јавно ќе кажат дека жалат за тоа што го направиле на еден град и на една институција - градоначалник на еден град. / С.Д.


Администратор
17/04/2018 20:13