Барбара Спинели, ќерка на еден од основачите на Европската Унија, комунист и европски федералист, Алтиеро Спинели, по кго е крстена една од зградите на Европскиот Парламент, со допсиничката на МИА од Брисел разговараше за својот последен извештај посветен на слободата и независнота на медиумите во Европа.

Разговор со Барбара Спинели, европратеничка од Европска Левица и автор на извештај на Европарламентот за слобода и независност на медиумите.

-Госпоѓо Спинели, Вашиот извештај беше усвоен со речиси целосен консензус во комисијата за граѓански слободи, кои се главните пораки кои ги испраќате преку оваа резолуција?

-Она што е за мене важно е да се признае дека има крупни проблеми во медиумската револуција преку интернетот. Кога мислиме на рестрикциите врз медиумите тоа секогаш мора да се прави со почитување на меѓународното право, а тоа значи дека рестрикциите мора секогаш да одговараат на три кртериуми: потреба, пропорционалност и легитимност. Тоа е главната порака на извештајот. Моите идеи околу клеветата не без задржани со истата сила по преговорите со политичките групи. Јас побарав целосна декриминализација на клеветата. Како што тоа го бара и специјалниот известувач на Обединетите Нации. Она што остана е дека тужбите за клевета можат да имаат негативни ефекти врз слободата на медиумите, може да биде искористено за да заштитат политичари, моќници, членови на владата, итн, дека може да има злоупотреба на клеветата. Но повторно ќе го отворам прашањето за целосна декриминализација на пленарната седница во мај.

-Во Вашиот извештај зборувате и за “Копенхашката дилема“ која се однесува на разликите со ситуациите на земјите додека преговараат за членство во ЕУ, и потоа кога ќе станат членки. Можете ли да објасните што е точно оваа дилема?

-Копенхашката дилема е тоа што нема доволно обрзувачки критериуми за земјите членки по овие прашања. Еднаш кога ќе станат членки на ЕУ речиси нема повеќе мерки или санкции можни против земјите кои го нарушуваат владеењето на правото, а за мене слободата на медиумите е дел од владеењето на правото. Се зборува за членот 7 (нз: членот 7 од Лисабонската Повелба предвидува суспендирање на правото на глас на земја членка на ЕУ доколку ги нарушува основните начела на заедницата) против Полска, има закани против Унгарија, но тој член 7 е нуклеарна опција, тоа значи дека се заканувате со него за никогаш да не го употребите. Притоа за да се активира тој член потребен е целосен консензус. Во извештајот ја нудам опцијата што ја предлага извештајот на мојата колешка Софи Ван ‘Т Велд од Либералите, што се однесува на ова прашање. Таму се предлага некаков нов контролен механизам, еден вид годишна ревизија на сите проблеми со демократијата, владеењето на правото и медиумите. Но, ова е многу бавен процес, многу земји членки се против, а Европската Комисија се колеба. Што се однесува до проширувањето само по себе Копенхашките критериуми не се доволни, тие треба да бидат истенчени и подетални. Процесот на проширување не беше доволно детален, беше стратешка одлука, но без амбиција да ги интегрира земјите во системот на заедничките норми. Не зборувам за вредности, бидејќи тоа е апстрактен термин, претпочитам да зборам за норми. Треба да се истенчат Копенхашките критериуми и да се создаде структура за во иднина да се гарантира дека тие норми се почитуваат. Сметам дека во овој поглед ЕУ е во позиција на слабост. Колку повеќе зборува за вредности, толку помалку ги почитува...

-Вашиот извештај се осврнува и на феноменот на “лажните вести“, за кој велите дека воопшто не е нов. Знаете дека Македонија е една од државите која ја спомена дури и Закерберг како извор на лажни вести. Кое е Вашето мислење за овој проблем?

-Сакам да предупредам дека “лажните вести“ не се само поврзани за интернетот. И големите весници кои се борат против лажните вести сами произведувале лажни вести, од корејската војна, па се до Ирак и “оружјето за масовно уништување“. Кога велам дека не е нов феномен не сакам да го минимизирам, но тоа е нешто што го засега секој новинар, затоа треба да има саморегулација во медиумите, сајтовите, затоа сум за неутралност на нетот и неутралност на алатките за пребарување. Ако ни се случи Трамп во САД и Брегзит тоа не е само поради лажните вести, туку затоа што силите кои требаше да им се спротистават на ксенофобичните струи не беа доволно снажни за да убедат, да кажете дека лажните вести се виновни е да го обвинувате тој кој го вперува прстот кон проблемот, а не самиот проблем. Знаете, кампањата за останување во ЕУ во Велика Британија беше мизерна, празна, политикантска кампања која не информираше за вистинските ризици за граѓаните и нивните права. Во САД проблемот беше кандидатката Клинтон, таа не беше добар кандидат против Трамп, се потцени силата на Трамп. Ако Спутник или други сајтови со лажна содржина се способни да соборат изборни тенденции или да спречат Англија да остане во ЕУ, тогаш тоа значи дека нашите демократии се речиси мртви.

-Но гледате дека во скандалот со Кемриџ Аналитика очигледно не било така едноставно и дека тие лажни вести организирано се пуштале за да се влијае на изборните резултати...

-Не велам дека не треба да има контрола, но велам дека таа контрола не смее да ја обезличи демократијата. Очигледно е дека технолошките гиганти како Фејсбук имаат моќ која никој не ја контролира и дека е потребна заштита на личните податоци. Сметам дека претстојната регулатива на ЕУ за заштита на личните податоци е една од најдобрите во светот. Исто така треба тие гиганти да плаќаат данок таму каде работат. Треба да се заштитат малите од големите, мислам дека одиме во тој правец и приказната со Кембриџ Аналитика е корисна во тој поглед бидејќи е аларм за луѓето.

-Критична сте и кон “кодот на однесување против говорот на омраза“ на Европската Комисија, зошто?

-Тој код беше одобран од Европската Комисија, одлично. Меѓутоа тој код беше испреговаран и презентиран од ЕК во координација со големите технолошки компании како Фејсбук, Гугл, Амазон, тоа е опасност, и а ваков начин Комисијата ја губи својата непристрасност, јас сум против овој код. Имаме цензура и со центарот против дезинформација на службата за надворешна акција, нивната цел е да се брише содржина од интернет кога има опасност од лажни вести, а тоа не е никогаш прецизно дефинирано. Што е говор на омраза? Треба да биде дефиниран, инаку и силна критика може да се смета за омраза! Извештаите на повеќе меѓународни организации кои ги цитирам во мојот извештај кажуваат дека правото на информирање не може да биде ограничено на коректни или мејнстрим ставови, туку и треба да може да се информира и за идеи кои можат да шокираат, пречат или навредуваат.

-Каде гледате решение тогаш?

-Медиумска и дигитална писменост. Треба силно да се инвестира во тоа од основно училиште, и да се инвестира во истражувачкото новинарство. Знаете што се минимизира? Работните услови на новинарите, фриленсерите кои добиваат незамисливо ниски плати во споредба со порано, дури некогаш сами плаќаат за да објават нешто и да им стои во биографија, тоа води кон кревкост на професијата. Земјите членки и европските програми треба да инвестираат во тоа.

-Што со оние кои не се школувани и се впрочем најголеми жртви на лажните информации?

-Во право сте и потребна е дигитална писменост за нешколуваните, треба да се прифати идејата за некаква постојана обука за интернет алаткаите и тоа преку државата, бидејќи инвестиција во тоа е инвестиција во демократијата и идните генерации. Треба да се научат да се користат тие алатки кои се менуваат постојано, не смееме да станеме робови на алгоритмите.

-Зборувате и за опасноста од анти-терористичките легислативи и вонредните состојби ширум Европа...

-Вонредни состојби де факто сега се “овековечени“, прислушкувањата и надзорот во многу земји членки се посилни, и не само во источна Европа како што мислиме, туку во Франција, Германија со законот за интернет содржината, во Италија, во Шпанија, ова е проблем за целата ЕУ. Новинарите и невладините организации мораат да се “вооружаат“ против тоа и сите посреднички тела на демократијата се послаби, невладините се криминализираат, луѓето кои им помагаат на мигрантите се гонат, има желба да се зауздаат НВО секаде во Европа. Мора да ги одбраниме, да имаме храброст да ги одбраниме.

- За крај Вашата резолуција не е обврзувачка, не е легислативен акт. Стравувате ли дека ќе биде само капка во океанот?

-Ова е крик кој треба да алармира. Се разбира дека се плашам затоа што не е легислативен текст, Европскиот Парламент нема легислативна иницијатива во ЕУ и тоа е проблем, само Комисијата ја има таа иницијатива. Може да побараме од ЕК да напише предлог законодавство, но ЕК може и да го игнорира тој повик...

Тања Милевска


Администратор
14/04/2018 01:37