Ликот на Мајка Тереза, насликан на паното на плоштадот „Скендербег“ утрово осамна оштетен со црна боја. Се наметнува прашањето кому му пречел ликот на Светицата која што сиот свет ја препознава и ја признава како доброчинител и жена што сиот свој живот го посвети во служба и добросостојба на другите, објавува Алсат М.

Болна е помислата дека жената пред која што се поклонува сиот свет кога е во прашање милосрдието и добрината, кукавички е сквернавена во својот роден град.

Дополнително вознемирува фактот дека сквернавењето на нејзиниот лик се случува еден ден пред навршувањето на 20 годишнината од нејзината смрт.

Мајка Тереза е родена е во Скопје под името Агнеза Гонџа Бојаџиу. Уште на возраст од 12 години таа се одлучила да живее како калуѓерка. Живеела со најсиромашните во предградијата на Калкута. Како основач на редот Мисионери на милосрдието, се посветила на добротворна работа помагајќи им на болните и сиромашните луѓе, поради што во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир. Почина во Калкута, Индија, на 5 септември 1997 година.

Извор: Алсат - М


Администратор
04/09/2017 11:49