По скоро две декади на медиумскиот простор во сабота „Утрински весник“ ќе го издаде својот последен број.
Претседателот на синдикатот на „Утрински весник“, Љубиша Станковиќ, на својот Фејсбук профил ја објави веста за згаснување на весникот.
„После цели 18 години, благодарение на лошото менаџирање на Срѓан Керим, во сабота, ќе згасне ‘Утрински весник’. Треба да се запамети името на оној кој ќе го погребе весникот!“, напиша Станковиќ.
Новинарите на „Утрински“, но и на другите весници кои ги издава МПМ – „Дневник“ и „Вест“, пред одреден период штрајкуваа поради неисплатени плати. Според неофицијални информации, „Утрински“ и „Вест“ ќе станат електронски изданија.
Во меѓувреме, на сајтот на Агенцијата за вработување беше објавен оглас во кој се бараат 55 новинари, за ангажман на определено време од 6 месеци и плата од 20 илјади денари од компанијата „Медиа Принт ДООЕЛ – Скопје“, фирма ќерка на „Медиа Принт Македонија“ (МПМ), во чија сопственост се наоѓаат и весниците „Утрински“, „Дневник“ и „Вест“.