Премиерлигашот Манчестер Сити во актуелниот тренер на италијански прволигаш Комо, Цеск Фабрегас, гледа потенцијален наследник на Пеп Гвардиола, објави денеска „FootballTransfers“.

Според истиот извор, раководството на Сити е импресионирано не само од тренерската визија на 37-годишниот Шпанец, туку и од неговата самоконтрола, комуникациски вештини и лидерски квалитети.

Размислувањата на раководството на англискиот клуб се во насока дека назначувањето на Фабрегас може да биде природно продолжение на работата на Гвардиола. Фабрегас би можел да го замени сегашниот тренер на Сити во 2027 година, кога ќе истече тековниот договор на Гвардиола.

Фабрегас седи на клупата на Комо од летото 2024 година. Под негово водство, дебитантот во Серија А го освои десеттото место во сезоната 2024/25.