Градоначалникот на Букурешт Никушор Дан, независен кандидат за нов претседател на Романија, оцени дека вториот круг од гласањето, во кој за две недели ќе се соочи со лидерот на Алијансата за обединување на Романците (АУР) Џорџе Симион, ќе биде тежок, но изрази оптимизам дека ќе победи и дека Романија ќе тргне по пат ориентиран кон Запад.

- На повидок е тежок втор круг со изолационистички претседател. Тоа нема да биде дебата меѓу поединци, туку дебата меѓу прозападно насочување за Романија и антизападен правец. За тоа ќе се зборува во вториот круг. Наша задача е да ги убедиме Романците дека им е потребен прозападен правец и на тоа ќе се фокусира нашата кампања во следните две недели, рече Дан.

Тој ги повика сите Романци „да учествуваат во таа битка“.

- Оптимист сум дека ќе победиме, дека Романија ќе продолжи понатаму во западен правец. Имам надеж дека, со сите ресурси што ги има оваа земја, за неколку години таа ќе биде на местото што го заслужува, истакна Дан во изјавата што ја даде во седиштето на својот изборен тим.

Тој ја даде изјавата откако го освои второто место во вчерашниот прв круг од претседателските избори, како што покажуваат резултатите врз основа на 99,9 отсто преброени гласови.

Никушор Дан им се заблагодари на сите што вчера излегоа на гласачките места и на оние што гласаа за него – особено на оние во Република Молдавија, каде што го поддржаа повеќе од 50 отсто од гласачите.

Неколку лидери на партијата Унија Да ја спасиме Романија (УСР), вклучувајќи ги Дан Барна и Доминик Фриц, исто така дојдоа во седиштето на изборниот тим на Никушор Дан за да му честитаат на постигнатиот успех.

Дан ќе се бори со опозицискиот ултрадесничар Џорџе Симион во вториот круг од изборите за нов претседател на Романија на 18 мај, јавија утринава романските медиуми повикувајќи се на податоци од Централната изборна комисија (АЕП).

По централизацијата на 99,99 отсто од записниците од избирачките места по вчерашниот прв круг од претседателските избори, резултатите покажуваат дека Симион освоил 40,94 отсто од гласовите, а Никушор Дан 20,99 отсто, пренесува романскиот портал Диги24.

Поточно, Симион, кој е претседател на Алијансата за обединување на Романците (АУР), освоил 3.856.981 глас, додека за градоначалникот на главниот град гласале 1.976.926 Романци.

Од податоците објавени утринава на платформата на АЕП, се заклучува дека треба да се пребројат уште само гласовите од три избирачки места во странство.

Симион (38) е против воена помош за соседна Украина, го критикува раководството на ЕУ и го поддржува движењето на Доналд Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“. Како конзервативен христијанин, го поддржа неуспешниот референдум во 2018 година, кој имаше за цел да ги забрани истополовите бракови. Доколку биде избран, Симион рече дека ќе објави колку Романија придонела за воените напори во Украина на штета на субвенциите за романски деца и пензии. Покрај тоа, тој поддржа враќање на Романија во границите од 1940 година, кои опфаќаат територии кои денес се дел од Бугарија, Молдавија и Украина, а во последните две земји му е забранет влез. Тој ја почна својата политичка кариера како активист, залагајќи се за обединување на Романија и Молдавија, за да во 2019 година ја основа партијата Алијанса за обединување на Романците (АУР).

Никушор Дан, градоначалникот на Букурешт, е независен прогресивно-либерален политичар, кој стана познат како активист против букурешката мафија за недвижнини и коосновач на зелено-либералната протестна партија Унија Да ја спасиме Романија (УСР). Дан докторирал математика и важи за чесен, некорумпиран, но и не многу успешен во својата функција градоначалник на Букурешт, бидејќи сам се бори против моќниот апарат, коментираат светските агенции. Тој се залага за безусловна поддршка на Украина.

Во Романија вчера се одржаа повторени претседателски избори. Излезноста беше поголема од 53 отсто. Вториот круг од изборите е планиран за 18 мај 2025 година.