Украина е подготвена за мировни преговори во кој било формат, откако Москва навистина ќе покаже дека е подготвена за тешкиот пат кон мирот, изјави денеска шефот на украинската дипломатија, Андриј Сибиха.
„Русија може да ја покаже својата вистинска подготвеност за мировни разговори со тоа што ќе се согласи на вистинско примирје од најмалку 30 дена. Ако Русија е подготвена за примирје од 60 или 90 дена, и ние сме“, рече тој во објава на мрежата X.
Сибиха додаде дека Русија треба да престане да зборува за подготвеност за мир и да почне да дејствува, со тоа што безусловно ќе се согласи на вистинско и трајно примирје.
Претходно неделава, Сибиха изјави дека Русија мора веднаш да го прекине огнот ако сака мир, без да чека до 8 мај.
Тој го кажа ова како одговор на предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за тридневно примирје за Денот на победата.