Северна Кореја оваа недела по првпат ги тестираше оружените системи на новиот борбен брод од класата „Чо Хјон“, соопшти државната новинска агенција КЦНА.

На тестирањата, кои ги следел лидерот Ким Џонг-ун заедно со високи државни функционери, биле истрелани крстосувачки и противвоздушни ракети. Ким изјавил дека е дојден моментот севернокорејската морнарица да го засили развојот на нуклеарното вооружување како дел од заштитата на поморскиот суверенитет, пренесува КЦНА.

Јужнокорејските и американските разузнавачки служби внимателно го следат развојот на севернокорејските бродови. Според претставник на јужнокорејското Министерство за одбрана, бродот – кој се смета за миноловец – можеби сѐ уште не е целосно оперативен. Сателитски снимки покажуваат дека по вежбите бил влечен кон пловечко пристанише, што укажува дека „можеби нема функционален погонски систем“.

Во саботата, севернокорејските државни медиуми првпат објавија дека бродот, со водоистиснување од 5.000 тони, е опремен со „најмоќно вооружување“. Ким најавил дека бродот ќе биде предаден на флотата и ќе биде ставен во оперативна употреба следната година.

„Чо Хјон“ го носи името на познат борец против јапонската окупација на Кореја во првата половина на 20 век.