Во источно Сараево владее тензична атмосфера.

Агентите на Државната агенција за истраги и заштита на Босна и Херцеговина (SIPA) все обиделе да го уапсат лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, но биле спречени во намерата од припадниците на полицијата на Република Српска.

Инспекторите на SIPA се обидeле да го приведат Додик додека престојувал во владината канцеларија на Република Српска во Источно Сараево, но се повлекле кога им се испречиле полицајците задолжени за обезбедување на актуелниот претседател на српскиот ентитет во БиХ.

Како што може да се види на снимките коишто се појавија на социјалните мрежи, немало директен конфликт меѓу припадниците на државната и ентитетската полиција, а тие само разговарале.

Инспекторите на SIPA биле наводно само во вообичаените униформи, додека пристапот до зградата каде што бил Додик бил блокиран од силно вооружените специјалци од Министерството за внатрешни работи на Република Српска.

Министерот за внатрешни работи на Федерацијата Босна и Херцеговина, Рамо Исак, потврди дека полицијата на овој ентитет веднаш била ставена во состојба на готовност и ја критикуваше SIPA за лошо организираниот обид за апсење.

„Испраќањето на неколку инспектори во административниот центар на владата на Рeпублика Српска во Источно Сараево со наредба да се обидат да го приведат Милорад Додик, сето тоа без помош на специјална единица на SIPA, навистина фрла сомнеж врз способноста на државната агенција да обезбеди доследно почитување на законот на целата нејзина територија или зборува за неможноста на раководниот персонал да ја анализира и планира оперативни акции“, изјави Исак.

Судот на Босна и Херцеговина издаде налог за Додик и му одреди притвор бидејќи одбил да одговори на поканата за сослушување на Обвинителството на Босна и Херцеговина кое против него води истрага поради сомнение дека се обидел да го загрози уставниот поредок на Босна и Херцеговина, што српскиот лидер категорично го отфрла и за тоа го прозива бошњачките партии и државните институции со кои раководат.