Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ), на 16.4.2025 год. (среда), организираше научно-стручната дебата насловена „Предизвиците и очекувањата од редефинирањето на балансот на силите во рамките на системот на меѓународните односи – македонска перспектива“. Дебатата претставуваше презентација на резултатите од првата фаза на истражувањето во рамките на реализацијата на научноистражувачкиот проект „Влијанието на макрорегионалните динамики врз глобалните општествено-политички и економски тенденции“, раководен од истражувачки тим од Институтот.

Во рамките на дебатата, свои излагања имаа членовите на истражувачкиот тим од ИСППИ проф. д-р Панде Лазаревски, проф. д-р Славејко Сасајковски, проф. д-р Драгор Заревски, како и истакнатите членови на македонската академска заедница и дипломатија – проф. д-р Звонимир Јанкулоски, амбасадор на Република Македонија во Советот на Европа (2002-2005) и амбасадор на Република Македонија при Светата столица (2014-2018), проф. д-р Јован Донев, амбасадор на Република Македонија во Обединетото Кралство (2013-2017) и д-р Гроздан Цветковски, директор на Центарот за образование на кадри за безбедност (1992-1996), директор во Агенцијата за разузнавање (1999-2002) иминистер-советник во Амбасадата на РМ во Софија (2002-2006).

Воведниот збор на настанот го одржа доц. д-р Јован Близнаковски, заменик-директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, при што тој го истакна значењето од зголемувањето на влијанието на академскиот сектор во конципирањето на македонските национални и државни политики во областа на меѓународните односи и дипломатијата.

При презентацијата на резултатите на првата фаза на реализиацијата на истражувањето членовите на истражувачкиот тим од Институтот проф. д-р Панде Лазаревски, проф. д-р Славејко Сасајковски, проф. д-р Драгор Заревски потенцираа дека процесот на воспоставување на глобален мултиполарен баланс на силите во рамките на системот на меѓународните односи, во текот на третата декада на XXI-от век, претставува најзначајна геополитичка промена во современиот свет. Овој процес го означува крајот на униполарниот момент како доминантен образец на итерацијата на меѓународниот поредок по Студената војна, со Соединетите Американски Држави како главен глобален актер, и промена кон систем во кој повеќе центри на моќ непосредно ќе влијаат врз текот и врз динамиките на светската политика, економија и безбедност. И покреј тоа што мултиполарноста потенцијално може да придонесе за стабилноста на глобалниот поредок, процесот на нејзино воспоставување е придружен со бројни предизвици и потенцијални опасности по мирот во светот и глобалната стабилност. Процесот на етаблирање на мултиполарна итерација на меѓународниот поредок е проследен со сериозни повеќеслојни геополитички тензии. Во дадените услови ризикот од растечка конфликтност во регионот се зголемува затоа што државите што претстатвуваат или себеси се доживуваат како светски сили тежнеат да воспостават свои сфери на влијанија.

Клучот за успешна транзиција кон мултиполарност лежи во способноста на големите сили да изнајдат соодветни механизми за соработка, дијалог и меѓусебно уважување, со што би се овозможили глобалниот систем на меѓународните односи повторно да биде доводен во состојба на стабилност и предвидливост. Доколку во разумен рок не се изнајдат сили да се постигне посочената стабилност и предвидливост на глобалниот систем на меѓународните односи може да се очекува продлабочување на политичката, економската и безбедносната нестабилност на глобално ниво што секако може да резултира со зголемување на бројот и на интензитетот на регионалните војни со можност да доведе до светска војна.

Во современиот свет кој се карактеризира со длабоки геополитички промени, РСМ се соочува со низа сложени предизвици на полето на меѓународните односи. Како држава со два милиони жители и со стратешка позиција на балкански полуостров, нејзината надворешна политика балансира помеѓу регионалните тензии, европските аспирации и глобалните превирања. Клучни отворени меѓународни прашања со кои се соочува РСМ се:

1. Спорот со Бугарија во однос на идентитетските прашања, како и прифатената обврската за вметнување на бугарското нацонално малцинство во преамбулата на уставот на РСМ.

2. Позиционирање и репозиционирање на односите со соседите во период на продлабочување на регионалната нестабилност и дефинирање на јаснни национални позиции и приоритети во однос на стагнацијата во евроинтеграциските процеси на државата.

3. Економска зависност и миграција - надворешната политика на земјата мора да одговори на предизвиците на масовната економска миграција, особено на младите, како и на потребата од поголеми странски инвестиции и економски партнерства. Економската ранливост драстично ја ослабува македонската меѓународна преговарачка позиција.

4. Влијанието на големите и регионалните сили на Балканот како што се САД, Германија, Франција, Русија, Кина и Турција.

5. Управување со идентитетските и етничките прашања во надворешната политика. Внатрешната мултиетничка структура на земјата суштествено се проникнува со надворешната политика на РСМ. Одржувањето на внатрешната стабилност бара внимателна регионална дипломатија поради исклучителната политизираност на етничките прашања на Балканот.

6. Борба против транснационалните безбедносни закани како што се организираниот криминал, трговијата со луѓе, трговијата со дрога и илегалната миграција. Справувањето со посочените закани на државно ниво подразбира виоспоставување фунционална меѓународна соработка за зајакнување на националните безбедносните капацитети.