Француската рагби ѕвезда Себастијан Шабал, кој освои две титули во натпреварувањето Шест нации и играше во полуфинале на Светското првенство, изјави денеска дека не се сеќава ниту на секунда од кариерата поради бројните потреси на мозокот.
„Не се сеќавам на ниту една секунда од ниту еден рагби натпревар што сум го одиграл. И не се сеќавам на ниту еден од 62 натпревари што ги одиграв за репрезентацијата. Не се сеќавам на ниту еден момент“, изјави Шабал во емисијата „Легенда“ на Јутјуб.
Шабал во кариерата и освои и титула во англиската лига, но рече дека не се сеќава ниту на тој успех. „Кога зборувам за тоа со сопругата дома, и кажувам дека имам впечаток дека не сум играл рагби, затоа што не се сеќавам на тие моменти“, рече 47-годишниот Французин.
Шабал стана познат во рагби круговите во Франција и во странство по својата густа црна брада, жестоките дуели и ледениот поглед кој им го упатуваше на противниците.
Поради својот изглед ги доби прекарите „Пештерски човек“, „Анестезиолог“ и „Ханибал Лектор“. Тоа му донесе и значајни спонзорски договори од кои годишно заработуваше и до 800.000 евра.
Неговото губење на меморијата е толку длабоко што не се сеќава на раѓањето на својата ќерка, а како што рече има нејасно сеќавање од детството.
Шабал настапуваше за француската репрезентација од 2000 до 2011 година, а три години подоцна ја заврши и клупската кариера.