Унгарија е посветена на интензивирање на процесот на проширување за што постои нов ентузијазам во ЕУ, рече унгарскиот министер за ЕУ прашања Јанош Бока, на денешната заедничка прес-конференција со неговиот македонски колега Орхан Муртезани.
Тој порача дека Западен Балкан треба да биде еден од најважните корисници на тој нов ентузијазам и оти кога е во прашање земјава, се уште е на маса понудата за помош за надминување на спорот со Бугарија.
- Пред, за време и по нашето претседателство ние работевме блиску и со европските институции, но и билатерално план со земјите членки на ЕУ за да го задржиме процесот на интегрирање на Северна Македонија и Западен Балкан во ЕУ на агендата. Она што го правиме е да го забрзаме техничкиот и административен процес во рамки на ЕУ институциите за постоечките политички прашања. Кога се во прашање билатералните политички спорови, премиерот на Унгарија веќе изјави дека тој лично и унгарската Влада се подготвени да помогнат во нивното надминување ако државите се согласат со тоа. Нашата понуда е се уште на маса. Исто така, ги повикуваме сите земји членки на ЕУ, да ја имаат предвид геостратешката важност на регионот за ЕУ, како и големи економски капацитети што регионот може да ги донесе за ЕУ. Во ЕУ присутен е нов ентузијазам за проширувањето и ако е така Западен Балкан треба да биде еден од најважните корисници на тој нов ентузијазам, а Унгарија работи токму во таа насока, рече Бока на новинарско прашање дали Унгарија има план како нејзиниот став дека Северна Македонија одамна требаше да биде дел од ЕУ, да го приближи до другите европски лидери со оглед дека на нашиот пат стојат билатерални прашања со Бугарија.
Прашан за тоа какви се односите меѓу Будимпешта и Брисел по поддршката за Резолуцијата за Украина поднесена од САД, која беше поддржана и од Северна Македонија, министерот Бока потенцира дека унгарската Влада има многу јасна и својствена политика во рамки на ЕУ, а тоа е дека верува оти интеграцијата во Унијата треба државите членки да ги направи посилни заедно и воедно да ја задржат својата индивидуалност во рамки на таа соработка.
- Веруваме дека процесот на проширување е во наш интерес и нема алтернатива и дека тој треба да работи за сите европјани и за сите земји членки. Исто така сме убедени дека со цел да останеме успешни и да одговориме на глобалните предизвици со кои се соочуваме денес ЕУ мора да се промени суштински. Унгарија и унгарското претседателство јасно ги кажа потребите од тие промени. Секако има некогаш институционални конфликти и политички дискусии. Ние никогаш не се срамевме да ги кажеме гласно нашите цврсти ставови во ЕУ и секогаш се трудевме ЕУ да се движи во вистинската насока. Не сметам дека тоа е проблем, тоа е всушност и мотото на ЕУ - обединетост во различностите. Ние соработуваме со сите европски институции на конструктивна основа и така ќе продолжиме и во иднина, вели министерот за европски прашања на Унгарија Јанош Бока.