Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека денеска имал многу добар разговор со рускиот претседател Владимир Путин за сите важни прашања од билатералната соработка, вклучувајќи го и постигнувањето договор за гас пред 31 мај и прашањето за американските санкции за НИС, како и дека е потврдена претстојната средба на 9 мај во Москва.

- Само што го завршив разговорот со претседателот на Руската Федерација, Владимир Владимирович Путин. Имавме добар, суштински и би се осмелил да кажам одличен разговор за сите важни билатерални прашања од нашата соработка, соопшти Вучиќ во видео изјава објавена на Инстаграм.

Тој информира дека разговарале за политичката соработка „и за тоа како е неопходно меѓувладините комисии да продолжат да работат на закрепнување на трговската размена и натамошно подобрување на економската соработка“.

Српскиот претседател рече дека разговарале и за прашања од големо значење за Србија, како што е соработката со руските железници, но пред се за тоа како и на кој начин да се склучи договор за гас пред 31 мај и како да се реши проблемот со НИС, имајќи ги предвид санкциите на САД воведени против таа компанија.

Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин во телефонскиот разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ укажал дека е недозволиво мешање во внатрешно-политичката ситуација во Србија.

- Путин укажа на недозволивоста на надворешно мешање во внатрешно-политичката ситуација во Србија и изрази поддршка за постапките на легално избраните власти, се вели во соопштението од Кабинетот на рускиот претседател.

Руската страна изразила солидарност и со претседателот на Република Српска, Милорад Додик.

Путин и Вучиќ разговараа за практични прашања за понатамошна соработка во различни области, пред се во енергетскиот сектор и изразија заемна посветеност за зајакнување на партнерството.

Беше истакната взаемната посветеност за натамошно зајакнување на руско-српското стратешко партнерство, кое се заснова на духовните, културните и историските врски меѓу народите на двете земји, се вели во соопштението на Кремљ.

Се истакнува дека претседателот на Србија потврдил дека ќе дојде во Москва на прославата на 80-годишнината од победата во Втората светска војна, а ќе испрати и единица на војската на Србија да учествува на парадата на 9 мај.

Путин му го честиташе и неодамна прославениот 55 роденден на српскиот претседател.

Договорено е да се продолжат понатамошните контакти на различни нивоа, се вели во соопштението на Кремљ.