На „Чист понеделник“, кој се одбележува во рамки на карневалските празнувања во Струмица, со делење и консумирање бел грав, којшто се подготви во огромен казан на Градскиот плоштад, беше означен почетокот на велигденскиот пост.
Според градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов, струмичани се верни на традицијата, а на сите коишто постат им посака со лесно да го поминат овој најголем пост за христијаните.
-Како што ме информираа денеска поставуваме рекорд во поделени порции бел грав и се очекува да бидат поделени околу 3.000 порции. На верниците кои постат им посакувам лесни и трпеливи пости. На нашите владици во молитвите да ја спомнат Струмица и струмичани и нека е за многу години „Чист понеделник“, рече Костадинов.
Пред делењето гравот беше благословен од свештеници од Струмичката епархија.
Оваа традиција има долги корени во Струмица и низ чаршијата и во домовите на струмичани се подготвува бел посен грав.