Шпанската тенисерка Гарбиње Мугуруза најави дека ќе зема подолга пауза од тенисот поради што ќе пропушти дел од турнирите до крајот на оваа сезона, вклучувајќи ги и грен – слем турнирите Ролан Гарос и Вимблдон.
Мугуруза, која триумфираше на грен – слем турнирите во Париз (2016) и во Лондон (2017), одигра само четири натпревари оваа година без ниту една победа. Нејзиниот последен дуел беше во февруари на Лион Опен кога загуби од чешката тинејџерка Линда Носкова во првото коло.
„Времето го минував со семејството и пријателите и тоа навистина беше здраво и неверојатни, па затоа ќе го продолжам овој период до лето. Поради тоа ќе ја пропуштам дел од сезоната на земјена површина и трева“, напиша на Инстаграм 29-годишната Мугуруза, која се наоѓа на 132 место на ВТА листата.
Шпанската тенисерка беше број 1 на светската ранг-листа во 2017, а треторангирана на крајот на 2021 кога освои три ВТА турнири. Меѓутоа, лани драстично падна во формата и не мина четвртфинале на ниту еден турнир.