Струмичани за рекордно време ја искористија општинската субвенција за купување нов велосиспед во износ од 1.250.000 денари.

За само десет денови на јавниот повик аплицирале над 170 граѓани, кои ја искористиле субвенцијата во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 10 илјади денари по лице.

Според градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, мерките за поттикнување здрави животни навики се препознаени и резултираат со голем интерес.

-Со огромно задоволство сакам да споделам информација дека во рекордно време струмичани го искористија во целост планираниот буџет за субвенција при купување нов велосипед, кој оваа година беше зголемен во споредба со минатата. Со тоа се исполнети условите од јавниот повик и тој се затвора. Благодарност за големиот интерес и директната поддршка од граѓаните на Струмица за заедничко спроведување мерки кои се во правец на развој на почиста и еколошка Општина, објави струмичкиот градоначалник.

Право на учество на повикот имаа жителите на Општина Струмица, кои ќе купат нов велосипед во Република Северна Македонија и ги исполнуваат условите од повикот и да немаат искористено субвенција, односно тие што добиле порано немаа право да учествуваат.