Градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами најави дека ќе разговара со претставниците на Социо-културниот центар сместен во зградата од поранешно Радио Тетово по нивното вчерашно барање, но воедно на прес-конференција образложи дека здружението мора да го ослободи просторот со цел објектот да биде достапен за сите граѓански организации.
Тој образложи дека многу здруженија побарале поддршка и простор за нивните активности и затоа бараат Социо-културниот центар активностите таму да ги координира со општинското одделение за култура и спорт.
-Општина Тетово никогаш не ги попречувала и нема да ги попречува културните активности, напротив, ние како општина секогаш сме ги поддржувале и ќе ги поддржуваме сите активности насочени кон активизмот на младите во јавниот живот. Од кога ја презедовме локалната власт, дојдоа многу здруженија кои побараа јавен простор за реализација на нивните активности, но не бевме во можност да им го обезбедиме. Општината одлучи да го реорганизира користењето на објектот на Радио Тетово, така што сите здруженија кои се активни во нашата општина, вклучувајќи и споменатата, ќе можат да аплицираат правично и еднакво со проекти,кои би ги реализирале во овој објект, а тоа ќе се прави преку Одделението за култура и спорт при Секторот за јавни дејности, изјави Биљал Касами.
Градоначалникот рече дека во Меморандумот за соработка што го потпишала општината и гореспоменатото здружение, никаде не е нагласено дека користењето на просториите на поранешниот објект на Радио Тетово е трајно и само за ова здружение.
-Во меморандумот нема услови и обврски кои мора да бидат спроведени од страните потписнички, ниту пак постои друг документ со кој им било дозволено да го користат просторот. Земајќи ги предвид поплаките упатени до општина Тетово од родители кои се пожалија дека ова здружение има активности од поинаков карактер, кои немаат врска со културните вредности, туку користат средношколци, па и основци кои всушност се малолетни, ние како општина сме должни да ги заштитиме имотот и јавниот интерес, носејќи одговорност за секаков вид на несреќа што може да се случи, истакна Касами.
На новинарско прашање за тоа за какви активности станува збор, Касами истакна дека според неговите сознанија се работи за порнографски активности.