Англискиот фудбалски второлигаш Мидлзбро е во поодмината фаза со поранешниот репрезентативец и член на Манчестер јунајтед, Мајкл Карик, за тренерската должност, јави денеска телевизијата Скај.

Според британскиот медиум, раководството на Мидлзбро во 41-годишниот Карик гледа главен кандидат за наследник на Крис Вилдер, кому претходно му беше врачен отказ по серијата лоши резултати во англискиот Чемпионшип.

Преговорите меѓу Мидлзбро и Карик се интензивирале во изминатите 48 часови, а клупското раководство се надева дека поранешниот англиски репрезентативец ќе ја преземе тренерска должност во следните неколку денови.

Карик, кој освои пет англиски титули со Манчестер јунајтед, досега нема самостоен тренерски ангажман.