Македонската фудбалска репрезентација составена во најголем дел од фудбалери од домашното првенство, ги продолжува во Скопје подготовките за претстојниот контролен натпревар против Саудиска Арабија на гостински терен.

Десниот бек Кристијан Тошевски денеска истакна дека претстојниот натпревар е шанса сите повикани фудбалери да ја оправдаат довербата од селекторот Благоја Милевски и да се наметнат во репрезентација за следните предизвици.

– Нè очекува дуел против репрезентација која ќе игра на претстојното Светско првенство и тоа за нас е дополнителен мотив да покажеме квалитет и да ја оправдаме довербата од селекторот. Мислам дека можеме да постигнеме позитивен резултат, изјави Тошевски.

Македонските фудбалери ќе и гостуваат на Саудиска Арабија на 22 октомври во Абу Даби, по што идниот месец во Скопје ќе одиграат уште две пријателски средби – против Финска (17 ноември) и Азербејџан (20 ноември).