Српскиот фудбалски стратег Синиша Михајловиќ изјави денеска оти „не ја разбира“ одлуката на раководството на Болоња да му врачи отказ по три и пол години минати на тренерското столче во италијанскиот прволигаш.

Михајловиќ беше отпуштен во вторникот, откако Болоња по воведните пет кола од новата сезона во Серија А сè уште нема победа и со ефект од три нерешени и два порази се наоѓа на 16. место.

– Никогаш не сум бил лицемер. Нема да бидам ниту овој пат. Не ја разбирам одлуката на Болоња, напиша 53-годишниот тренер во отворено писмо објавено во весникот „Газета дело спорт“.

– Како професионалец, апсолутно ја прифаќам одлуката на клубот, но сметам дека ситуацијата во екипата е апсолутно под контрола и може да се подобри. Клубот не го дели моето мислење, додаде Михајловиќ.