Контроверзниот сопственик на романскиот прволигаш ФЦСБ, поранешна Стеауа, Георги Бекали, изјави оти сака да изгради стадион со капацитет од 100.000 седишта, што би бил најголем на Балканот, но и во Европа.
На Балканот најголем капацитет има Националната арена во Букурешт, која официјално може да прими 55.634 гледачи, а незначително помал капацитет со 55.538 седишта има стадионот „Рајко Митиќ“ во Белград.
Доколку Бекали ја реализира својата идеја, тој објект би го надминал и стадионот „Камп Ноу“ во Барселона (99.354 седишта) и би бил најголем во Европа.
– Знаете што ми дојде на ум? Да влеземе во групната фаза во Лигата на шампиони и да изградиме стадион со 100.000 седишта. На натпреварите во Лигата на шампиони би дошле 400.000 луѓе. Имам локација каде би го изградил стадионот, само да се пласираме во Лигата на шампиони, изјави Бекали за романските медиуми.
Стеауа утревечер го пречекува норвешки Викинг во првиот натпревар од плејофот за пласман во Конференциската лига на УЕФА.