Напаѓачот на германскиот прволигаш Борусија Дортмунд, Себастиен Халер (28) боледува од рак на тестисите, објави клубот, додавајќи дека репрезентативецот на Брегот на Слоновата коска го напуштил тренинг кампот поради лекување.
Халер, кој ова лето го напушти Ајакс и за сума од 35 милиони евра потпиша за Борусија како замена за Норвежанецот Ерлинг Халанд, се пожалил на здравствени проблеми по вчерашниот тренинг. По детални медицински прегледи откриен му е тумор на тестисите.
– Веста беше шок за Халер и за сите нас. Ние ќе сториме сè што е во наша моќ за да обезбедиме да добие најдобар можен третман, изјави спортскиот директор на бундеслигашот од Дортмунд, Себастијан Кел, апелирајќи до медиумите да ја почитуваат приватноста на фудбалерот и неговото семејство.
Халер кариерата ја почна во Оксер, по што настапуваше за Утрехт, Ајнтрахт, Вест Хем и Ајакс.