Претседателот на САД, Џо Бајден ја вброи Меган Рапино помеѓу 17. овогодишни добитници на Медалот на слободата. Рапино е првата фудбалерка која се закитува со овој медал.

– Горда сум и навистина почестена што сум избрана за оваа награда од претседателот Бајден. Се чувствувам инспирирана и мотивирана како и секогаш да ја продолжам оваа долга историја на борба за слободите на сите луѓе, изјави Рапино за „US Soccer“.

Рапино е двократна светска шампионка со репрезентација на САД. Таа е многу позната по иницирањето на кампањата за еднакви плати со фудбалерите и борбата за правата на сите луѓе.

Медалот на слободата се доделува на луѓе кои дале примерен придонес за просперитетот, вредностите или безбедноста на Соединетите држави, светскиот мир или други значајни општествени јавни или приватни потфати. Овој претседателски медал се смета за највисока цивилна награда во САД. Мухамед Али, Мајкл Џордан, Тајгер Вудс, Бејб Рут се некои од спортистите кои го добија ова признание од поранешните претседатели на САД.

На списокот на Бајден оваа година покрај Меган Рапино се наоѓа уште една спортистка. Тоа е Симон Билс, американската гимнастичарка со најмногу олимписки медали во историјата.