Френки де Јонг е поблиску до заминување од Барселона, отколку останување во каталонскиот клуб. Според Мундо Депортиво, Барселона повеќе не го смета за фудбалер чие задржување во составот е приоритет.

Веројатноста 25-годишниот играч за врска да ја напушти Барселона расте. Тренерот Чави ќе се согласи со негово заминување доколку и клубот го ангажира играчот од средниот ред на Манчестер сити, Бернардо Силва или друг искусен играч од средниот ред.

Барселона гледа на Френки како на играч на високо ниво со уникатни квалитети, но верува дека на клубот му требаат финансии за да ангажира нови играчи. Во секоја друга ситуација, Де Јонг ќе беше неприкосновен фудбалер, но сегашната ситуација на Барса го принудува да ги комбинира спортските со економските аспекти. Заминувањето на Де Јонг ќе и овозможи на Барса не само да добие голема сума, туку и да се ослободи од многу големата плата на играчот.

Раководството на шпанскиот фудбалски гигант веќе подолго време е свесно за интересот на Манчестер јунајтед за играчот. Но, и покрај добрите односи со новиот менаџер на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, Френки повеќе би сакал да се пресели во клуб кој следната сезона ќе игра во Лигата на шампионите.

Дваесет и петгодишниот играч од средниот ред минатата сезона забележа 46 настапи за Барселона, постигна четири голови и беше креатор на пет асистенции.