Македонската фудбалска репрезентација до 18 години ќе настапи на силниот меѓународен турнир во Терме Чатеж, Словенија.

„Црвено-жолтите“ ќе одиграат два меча, еден со домаќинот, Словенија и еден со селекцијата на Полска.

Селектор Неџат Шабани очекува добар настап на неговите избраници, иако се соочува со многу отсуства.

– Се соочуваме со огромни проблеми околу играчкиот кадар. Во националниот тим отсуствуваат играчите Гуџуфи, Мурати, Ричков, Трајков, Ѓорѓиевски, Стоилов, Чајани, Ташов, Елези е прекомандуван во селекцијата до 21 година. Патуваме во Словенија доста ослабени, но се надевам дека ќе се покажеме во добро светло и ќе одиграме добри мечеви, нема откажување. Се надевам дека повиканите играчи што треба да ги заменат отсутните фудбалери ќе се покажат во добро светло и ќе ја искористат можноста што им е пружена, изјави Шабани за сајтот на Фудбалската федерација на Македонија.

Првиот дуел македонските млади фудбалери го играат на 4 јуни против Полска, на стадионот Кршко со почеток од 18 часот. Против домаќинот, репрезентацијата на Словенија, силите ќе ги одмерат на 9 јуни. Натпреварот ќе се одигра во 11 часот во Терме Чатеж.