Македонската фудбалска репрезентација попладнево на Хувефарма Арена во Разград го одржа единствениот тренинг пред утрешниот натпревар против Бугарија во рамки на првото коло од групата 4 во Ц дивизијата во Лигата на нации.

Во отсуство на повредениот Стефан Ристовски, капитенската лента ќе ја носи Енис Барди, кој истакна дека амбициите на македонскиот тим се успешно да ја стартува новата сезона во која целта е преку Лигата на нации да обезбеди бараж за пласман на ЕУРО 2024.

– Имаме искуство во тимот подготвени сме да играме паметно и кога ние сме фаворити. Имаме победнички менталитет, но овие натпревари се потешки од претходните од баражот. Многу ни е важно добро да стартуваме. Успехот на селекцијата ни е најважен“, изјави Барди на официјалната прес-конференција, пред утрешниот натпревар со почеток во 18 часот.

Селекторот Милевски, од своја страна, рече дека играчите ќе мораат да дадат максимум за да извлечат позитивен резултат на гостувањето во Бугарија.

– За мене фаворитот треба да се покаже на терен. Денес, фаворити пред натпревар не постојат. Оваа група е изедначена. Единствена наша цел е да дадеме максимум за да извлечеме позитивен резултат“, посочи Милевски.