Бараж натпреварот меѓу Тиквеш и Воска во кој победникот ќе обезбеди место следната сезона во Првата македонска фудбалска лига ќе се игра на стадионот „Младост“ во Струмица, в недела со почеток од 17 часот, соопшти попладнево Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Одлуката е донесена по консултации и соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР), откако првично за домаќин беше одреден Прилеп, а дополнителната измена баражот да се игра на Арената во Скопје не беше прифатено од Тиквеш.
– ФФМ преку Комисијата за безбедност испрати допис до МВР со барање информации во делот на преземање безбедносни мерки за да се одигра во најдобар ред бараж мечот Тиквеш – Воска и Комисијата за натпреварување ќе постапи согласно добиените информации. Упатуваме благодарност до МВР за конструктивната соработка како што била и досега, соопшти ФФМ.
Вториот бараж натпревар меѓу Скопје и Беласица ќе се игра во истиот термин на градскиот стадион во Штип.
ФФМ порача дека ќе направи сè што е во нејзина надлежност „двата бараж натпревари да се одиграат во спортска, фер и коректна атмосфера“.