Москва нема да ја избегне одговорноста за големиот број Украинци убиени во војната, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа, при своето полноќно видео обраќање, пренесува ДПА. – Веќе имаме сознанија за илјадници исчезнати луѓе, рече тој во обраќањето објавено на Телеграм.
Најмалку 5.000 цивили загинаа во руските бомбардирања во југоисточниот украински град Мариупол, изјави градоначалникот Вадим Бојченко за време на тркалезната маса што се емитуваше во живо на Фејсбук. – Се проценува дека меѓу загинатите има најмалку 210 деца, истакна градоначалникот на Мариупол.
Ако цела Европа се откаже од рускиот гас, тогаш Русија ќе го продаде на други земји, изјави во интервју за францускиот телевизиски канал ЛЦИ портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тој нагласи дека „Русија со децении живее добро под санкции“.
Украинска база за складирање гориво во регионот на Харков е уништена од руски ракети, соопшти руското Министерство за одбрана. Руските сили уништија и дел од украинската воена опрема и странско оружје на железничката станица во истиот регион, наведува Министерството.
Повеќе луѓе загинаа откако три ракети погодија железничка станица во источна Украина, оштетувајќи згради и шини, соопшти Државната украинска железница. Во соопштението не се наведени детали за бројот на жртвите, ниту за локацијата на нападот.
Русија ги предупреди земјите-членки на ОН дека доколку гласаат „за“ или бидат воздржани во врска со барањето на САД да биде суспендирана од Советот за човекови права, таа ќе го смета за „непријателски гест“ што ќе има последици за нивните билатерални односи, се вели во нотата, во која денеска имале увид некои западни медиуми.
Украинскиот омбудсман за човекови права Људмила Денисова изјави дека повеќе од 400 жители на градот Хостомел се водат како исчезнати, по 35 дена окупација од страна на руските сили и се повика на изјавите на сведоците кои тврдат дека некои од нив биле убиени.
Дипломатите на ЕУ не го одобрија новиот пакет санкции против Русија, предложен од Европската комисија, бидејќи треба да се решат технички прашања, вклучително и дали забраната за увоз на јаглен од Русија ќе влијае врз постоечките договори, објавија западни медиуми, повикувајќи се на неименувани извори.
Пентагон потврди дека САД обучуваат украински воен персонал за ракување со „Свичблејд“, оперативен тактички систем што испушта дронови со експлозив.
Специјалната советничка на ОН за спречување на геноцид, Алис Ваириму Ндериту, предупреди на негативното влијание на кризата во Украина врз другите делови на Европа и повика на „превенција во регионот на Западен Балкан“, објави Гласот на Америка.