Американскиот претседател Џо Бајден го нарече рускиот претседател Владимир Путин „воен злосторник“ и рече дека ќе повика на судење за воени злосторства бидејќи глобалниот бес поради тврдењата за убиства на цивили од страна на руски војници во украинскиот град Буча продолжува да расте. „Мораме да ги собереме информациите. Мораме да продолжиме да и даваме на Украина оружје што и е потребно за да продолжи да се бори, и мора да ги добиеме сите детали за да има судење за воени злосторства. Овој човек е брутален“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека ЕУ е подготвена да испрати истражни тимови во Украина за да ги документира наводните руски воени злосторства и злосторства против човештвото. Таа рече дека разговарала со украинскиот претседател Володимир Зеленски за „страшните убиства“ кои беа откриени во текот на викендот.
Зеленски ја посети Буча, на околу 30 километри северо-западно од Киев, облечен во панцир и опкружен со воен персонал. „Градовите се едноставно уништени“, рече тој, додавајќи дека властите започнале истрага за можни воени злосторства. Зеленски рече дека има информации кои укажуваат на тоа дека повеќе од 300 луѓе биле убиени и измачувани само во Буча.
Зеленски, исто така, им се обрати на западните лидери, критикувајќи ги, како што рече, одложената акција против Русија. „Дали стотици наши луѓе навистина мораа да умрат во агонија за некои европски лидери конечно да сфатат дека руската држава го заслужува најтешкиот притисок?
Зеленски денеска ќе се обрати пред Советот за безбедност на ОН.
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, рече дека доказите за цивилните убиства во Буча „бараат „сериозни санкции на Г7 и ЕУ“.
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан се чини дека ги потврди тврдењата, велејќи дека „Русија ги репозиционира своите сили за да ги концентрира своите офанзивни операции во источна и делови од јужна Украина“ и оваа нова фаза од руската инвазија „може да се мери со месеци или подолго“.
Црвениот крст соопшти дека тимот испратен да помогне во евакуацијата на цивилите од Мариупол е задржан од полицијата на територијата под контрола на Русија. Тимот беше запрен додека вршеше хуманитарни напори за да помогне во водењето на коридорот за безбеден премин за цивили.
Русија го поддржа новиот, самопрогласен градоначалник на Мариупол, кој соработува со руските сили.
Вашингтон работи на повеќе економски санкции против Русија што ќе бидат објавени оваа недела, рече Саливан, додавајќи дека „опциите што се однесуваат“ на профитабилната енергетска индустрија во земјата се на маса.
Шефот на британската дипломатија Лиз Трас рече дека ќе работи со сојузниците за забрана на руските бродови од западните пристаништа, за сузбивање на руските банки и за согласност за „јасен распоред за елиминирање на нашиот увоз на руска нафта, гас и јаглен“.
САД ќе побараат отстранување на Русија од Советот за човекови права на ОН.
Хакерската група Анонимус тврди дека објавила лични податоци на 120.000 руски војници кои се борат во Украина. „Откриени се лични податоци на 120.000 руски војници кои се борат во Украина“, се вели во соопштението на групата на Твитер.