Фудбалерките на Барселона изборија пласман во полуфиналето од Лигата на шампиони (ЛШ), совладувајќи го во реваншот Реал Мадрид со 5-2 на стадионот „Камп Ноу“ пред 91.553 гледачи, што е рекордна посета во женскиот фудбал.
Барселона обезбеди место меѓу четирите најдобри екипи, елиминирајќи го големиот ривал со вкупен резултат од 8-3, откако триумфираа и на првиот натпревар во Мадрид со 3-1.
Реваншот во средата вечер во Барселона донесе рекордна посетеност на фудбалски натпревар во женска конкуренција, што досега го држеше дуелот меѓу Атлетико Мадрид и Барселона, одигран на стадионот „Ванда Метрополитано“ пред 60.739 гледачи.
Рекордот на натпреварите на репрезентативно ниво досега го држеше финалето на Светското првенство 1999 година, кога делот меѓу САД и Кина на стадионот „Роуз Боул“ го следеа 90.185 гледачи.
– Воопшто не помислував дека ќе заиграм пред преполн стадион, но дојде време и за тоа“, изјави Алексиа Путељас, најдобрата фудбалерка на Барселона, која лани во декември го понесе и признанието на ФИФА за најдобра светска фудбалерка.