Членовите на украинската делегација синоќа пристигнаа во Истанбул за да учествуваат на денешните разговори со Русија. Според медиумите, авионот со украинската делегација слетал на аеродромот Ататурк во Истанбул. Руската делегација претходно вчера пристигна во Истанбул.
Русија и Украина денеска во Турција ќе ги продолжат разговорите, а новинарот на Фајненшл тајмс наведува некои од точките за кои страните треба да разговараат. Според ФТ, Русија повеќе нема да инсистира на „денацификација“ на Украина и ќе даде зелено светло за нејзино пристапување во Европската унија – под услов да се откаже од членството во НАТО.
Украинската пратеничка Ина Совсун изјави дека Украинците се песимисти за мировните преговори што треба да се одржат денеска во Истанбул. – Многу се плашам дека ќе мора да се справиме со инвазијата со воени средства, рече Совсун, нагласувајќи дека секој договор со Русија во овој момент ќе го загрози територијалниот интегритет на Украина.
Портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин изјави за Си-Ен-Ен дека барањата на Русија да ја признае нејзината анексија на Крим и независноста на регионот Донбас се „многу максималистички“ и „не се реални“.
Руските медиуми пренесуваат дека чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, кој е близок до Владимир Путин, пристигнал во Мариупол за да го подигне борбениот дух на неговите борци кои учествуваат во нападот на тој голем пристаништен град во југоисточна Украина.
Украинците кои работат на одржувањето на нуклеарната централа во Чернобил, велат дека руските војници, кои ја зазедоа нуклеарката, подигнале облаци од радиоактивна прашина кога возеле низ најзагадената област. Војниците не носеле никаква заштитна опрема и најверојатно вдишувале радиоактивна прашина. Тоа е еднакво на самоубиство, изјавиле некои од работниците за светските агенции.
Украина не смее да биде продадена во мировните преговори со Русија, изјави денеска министерката за надворешни работи на Велика Британија, Лиз Трас. – Мораме да обезбедиме идните разговори да не завршат со продажба на Украина или со повторување на грешките од минатото, рече Трас пред британските пратеници и потсети на „непријатната спогодба од 2014 година, која не успеа да обезбеди трајна безбедност за Украина“.
Градоначалникот на Мариупол Вадим Бојченко изјави дека неговиот град е во рацете на руските сили по неколкунеделната опсада. – Не е се во наша моќ. За жал, денеска сме во рацете на окупаторите, рече Бојченко во телевизиско интервју во живо, пренесе Си-Ен-Ен.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека украинските војници повторно ја заземаат територијата околу главниот град и ја потиснуваат руската армија. – Нашите бранители напредуваат во регионот на Киев, враќајќи ја контролата над украинската територија, рече тој. Тој го пофали и враќањето на Ирпин под контрола на Украина.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека повеќе од 100 луѓе загинале во главниот град на Украина откако Русија ја нападна Украина.
Британската разузнавачка служба соопшти дека се очекува Русија да испрати повеќе од 1.000 платеници во источна Украина поради големите загуби.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина е подготвена да разговара за „неутрален статус“ на разговорите со Русија. Во видео-интервју за независни руски медиуми, Зеленски сугерираше дека може да направи компромиси за статусот на источниот регион Донбас, но рече дека не е подготвен да разговара за демилитаризација и рече дека Украинците ќе треба да гласаат на референдум за да одобри нивната земја да прифати неутрален статус.
Украина не е подготвена да го жртвува својот „територијален интегритет“, изјави висок советник на украинскиот претседател Александар Родњански. Тој изјави за програмата World at One на BBC Radio 4 дека „сега притисокот е врз Русија“ и предложи дека „поконкретна“ верзија на „меморандумот од Будимпешта“ – кој и дал безбедносни гаранции на Украина – ќе биде неопходна за да се обезбеди мир.
Украинските сили ја презедоа целосната контрола врз градот Ирпин, неколку км. од Киев, изјави локалниот градоначалник.
Градот Мариупол на југот на Украина е на раб на хуманитарна катастрофа и мора целосно да се евакуира, изјави неговиот градоначалник. Вадим Боиченко рече дека околу 160.000 цивили се заробени во градот без струја.
Киев не гледа знаци на терен дека Русија се откажала од планот за опколување на главниот град на Украина, изјави портпаролот на украинското Министерство за одбрана, Олександер Мотузјаник.
Украинската министерка за економија, Јулија Свириденко, рече дека војната досега ја чинела Украина 564,9 милијарди долари во однос на штетата на инфраструктурата, изгубениот економски раст и други фактори. Осум илјади километри патишта и голем број станови се оштетени или уништени како резултат на борбите.
Новаја Газета, една од последните преостанати независни медиуми во Русија, соопшти дека ќе ја прекине работата откако доби второ предупредување од државата за наводно кршење на законот за „странски агенти“ на земјата. Предупредувањето дојде еден ден откако неговиот главен уредник, Дмитриј Муратов, разговараше со Зеленски во групно интервју со руски новинари, кое беше брзо забрането од страна на државната агенција за надзор на медиумите, Роскомнадзор.
Роман Абрамович и украинските мировни преговарачи претрпеа симптоми на сомнително труење по состанокот во главниот град Киев, претходно овој месец, според извештајот на Волстрит журнал. Абрамович и најмалку двајца високи членови на украинската делегација развиле симптоми кои вклучуваат „црвени очи, постојано и болно солзење“, весникот цитира извори запознаени со ова прашање.