Главниот град на Босна и Херцеговина викендов беше домаќин на „Топ-тен турнир“ со најдобрите светски каратисти, како и на „Гран при Сараево“, собир на којшто учествуваа стотина клубови и над 1.000 спортисти, меѓу кои и членови на „Макпетрол“ од Скопје.
„Макпетролци“ освоија осум медали од кои четири златни и четири бронзени. Со златни признанија се закитија Јована Мицовска, (јуниорки – 59 кг.), Стефан Стојановиќ (+ 84 кг., У21 и сениори), Димитар Лозановски (јуниори -76 кг.) и Викторија Јовановска (У21, – 68 кг.). Бронзени одличја освоија: Mарија Петровска (-50 кг.), Викторија Јовановска (сениорки, -68 кг.), Моника Пендаровска (сениорки, -61 кг.) и Давид Петков (сениори, -75 кг.).
На топ-тен турнирот имаше 12 учесници од девет држави, а претставници на Македонија беа Петар Заборски и Емил Павлов.
Учесниците беа поделени во четири групи со по три спортисти, најдобриот од групата одеше во полуфиналните борби. Петар Заборски првиот меч го загуби од треторангираниот на светската ранг-листа и третопласиран на последното светско првенство во Дубаи, азербејџанецот Асиман Гурбанли. Во второто соочување Заборски го победи Риад Џухо од БиХ, но тоа не беше доволно за да помине во вториот круг од турнирот. Емил Павлов, пак, ги загуби двата меча, прво од Ерман Елтемур од Турција, а потоа и од крајниот победник на турнирот, Енес Гарибовиќ од Хрватска.