За време на посетата на Брисел, полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјави дека расте бројот на членки на НАТО кои поддржуваат распоредување на мировна мисија предводена од НАТО во Украина, јави Укринформ, пренесува Фена.
– Од медиумите веќе знаеме од претходните денови дека имаше позитивна реакција од Данска и Литванија. Денеска можам да кажам дека и други земји членки го изразија своето одобрување, но очекуваат и поддршка и заеднички глас од НАТО – посочи тој.
Морјавецки тврди дека во Европскиот совет имало претставници на земји кои се скептични за можноста за воведување мировни сили во Украина. Тој ги советуваше да замислат дека „цела Украина станува Мариупол, бомбардирано место од каде луѓето бегаат“.
Моравјецки, исто така, ги нарече варварски постапките на Путин и руските војници. Тој додаде дека „десетици милиони бегалци“ ќе мора да бидат примени во земјите-членки на ЕУ.
На 24 февруари, рускиот претседател Владимир Путин објави почеток на сеопфатна инвазија на Украина. Руските трупи гранатираат и уништуваат инфраструктура, станбени области на украински градови и села користејќи артилерија, повеќецевни ракетни фрлачи и балистички ракети.