Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Стефан Ристовски изјави вечерва по пристигнувањето на експедицијата од Палермо дека победата над Италија во полуфиналето од мундијалскиот бараж ќе остане запаметена во колективната меморија.

– Сè уште сме под еуфорија. Вакви големи победи за овој народ засекогаш ќе останат запаметени, изјави македонскиот капитен, најавувајќи дека пред неговите репрезентативни колеги следува прослава со навивачи и малку одмор, а веќе од утре подготовки за гостувањето во Порто.

Капитенот рече дека успешните резултати на репрезентацијата се заслуга на сите, но притоа особено ја истакна улогата на помладите во тимот.

– Среќен сум бидејќи во тимот имаме млади играчи, кои го даваат својот максимум и со нивна помош постигнуваме вакви големи резултати, додаде Стефан Ристовски.