Освојувачот на големиот Кристален глобус во алпско скијање, Швајцарецот Марко Одермат, со победа на денешниот велеслалом во Мерибел ја потврди својата доминација сезонава во Светскиот куп.

Одермат со две сигурни возења триумфираше на последната велеслаломска трка, оставајќи го зад себе за половина секунда Норвежанецот Лукас Братен (+0.49 стотинки), и со тоа дојде до својата 11 победа во кариерата, а седма во оваа сезона. Успехот на Швајцарците денеска го комплетираше Лоик Мејлард, кој заврши третопласиран со 63 стотинки заостанување зад сонародникот Одермат.

Во осумте велеслаломски трки сезонава, Одермат собра неверојатни 720 бодови и надмоќно го освои малиот Кристален глобус пред Норвежанецот Хенрик Кристоферсен (453).

Во генералниот пласман Одермат има 1.639 бодови, 467 повеќе од Норвежанецот Александер Амот Килде.