Тренерот на Милан, Стефано Пиоли смета дека најголеми шанси за шампионскиот трофеј во Серија има Интер, и покрај тоа што „росо-нерите“ се искачија на првото место на табелата.

Милан синоќа го победи Наполи со 1:0 во дербито на 28.коло во Италијанското фудбалско првенство.

– Ова беше натпревар меѓу конкуренти за трофејот и ние сме среќни за освоените три бода. Но, ништо всушност не се промени. Имаме само еден бод повеќе од истата фаза [по 28 кола] минатата сезона, така што има уште многу работа пред нас. Интер и понатаму е фаворит бидејќи е бранител на титулата и има натпревар помалку. Имаат многу силен тим кој го знае значењето на победите. Колку побрзо добиеме табела каде што сите тимови имаат ист број на натпревари, толку побрзо можеме да ги процениме шансите, изјави Пиоли.

Милан е прв на табелата во Серија А со 60 бодови, Интер заостанува два бода, но има и натпревар помалку. Наполи е трет со 57, Јувентус четврти со 53.