Познатиот француски фудбалер и тренер, Ален Жирес од денеска е новиот селектор на фудбалската репрезентација на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Жирес беше претставен на прес-конференција од претседателот на Фудбалската федерација на Косово (ФФК), Агим Адеми.

Французинот доаѓа на чело на косовската репрезентација на местото на Швајцарецот Бернар Шаландес, кој поради слабите резултати беше разрешен во октомври минатата година.

Шеесет и деветгодишниот Жирес имаше успешна кариера како играч од средниот ред во 80-тите години од минатиот век, кога, меѓу другото, со француската репрезентација го освои „Еуро 84“. Од средината на 90-тите работи како тренер и досега ги водел француските прволигаши Тулуз и Пари Сен-Жермен, како и репрезентациите на Грузија, Габон, Мали, Сенегал и Тунис.

Со ФФК потпиша двегодишен договор, а првите, пријателски, мечеви како косовски селектор ќе ги има веќе идниот месец, против Швајцарија и Буркина Фасо.