Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри ги искажа своите впечатоци од натпреварот од Серија А со Аталанта (1:1), на кој неговите избраници се спасија од пораз со гол во судиското надополнување.

– Би било разочарување да се загуби со толку добра игра. Направивме грешки при претворање на шансите и со последното додавање. Непосредно пред паузата доживеавме три минути ужас, кога лесно ја загубивме топката, а Де Лигт двапати ги блокираше ударите по контранападите на противникот. Во вториот дел одигравме подобро, но парадоксот е што кога требаше да постигнеме гол, направивме непрецизно додавање. По таков контранапад, Малиновски заработи слободен удар и постигна погодок ремек-дело. Аталанта е многу агресивен тим, па моравме брзо да ја движиме топката. Натпреварот испадна многу спектакуларен, можевме да загубиме, но успеавме да земеме важен бод. Сакавме да победиме, но знаевме дека Аталанта е силна, па среќни сме што ја продолживме нашата серија без пораз, рече Алегри.

Јувентус е на 4. место на табелата во Серија А со 46 бода, девет помалку од лидерот Милан. Аталанта е петта со 44 бода.