Рускиот документарен филм „Една вера еден јазик“ вечерва е на програмата на Меѓународниот филски фестивал Богородичен покров. Онлајн проекцијата на 80 минутниот филм е во 21.15 часот.
– Херсон, Грција, Македонија, Србија, Црна Гора. Авторите на филмот се движат по патот на светите браќа Кирил и Методиј. Го започнуваат патот во 861. година. По патот кон Хазарите, создавачите на словенската азбука се задржале во Херсон цели две години. Следува и посетата на манастирите и црквите Св. Климент Охридски, Св. Наум Охридски, Св. Прохор Пчински, манaстирот на Св. Василиј Острошки… Авторот ја носи пораката дека единствено верата и јазикот треба да ги обедини сите православни луѓе и Словени во Христа, истакнуваат во најавата за проекцијата организаторите на фестивалот.
Филмот беше прогласен за „Најдобар телевизиски филм на регионално телевизиско студио“ на XXVI меѓународен филмски и ТВ фестивал „Радонеж“ во Москва.
Сценариото и режијата се на Елена Мироненко, модератор – Олег Кухарев, заслужен национален артист, камера Владислав Ионис и Александар Полукеев, монтажер Александар Полукеев, продуцент Сергеј Апарин.
На фестивалот се прикажуваат документарни и играни филмови посветени на културното и духовно наследство и хуманоста, како и историски и биографски филмови од земјава, Русија, Србија, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија и Франција. Филмските проекции се бесплатни, а сите се преведени на македонски јазик. Програмата репризно ќе се прикажува од 1 до 16 јануари следната година.