Олимпискиот Комитет на Македонија додели признанија на најуспешните спортистки и за прв пат ја организираше манифестацијата ,,Златна Олимпија’’, која и во иднина ќе доделува награди за најуспешните жени во спортот во Македонија.

Лауреат на овогодинешната ,,Златна Олимпија’’ е каратистката Пуликсенија Јовановска која настапи на Олимписките игри во Токио и го освои 9-тото место.

За најнадежна млада спортистка е прогласена Миа Блажевска Еминова, која на Олимписките игри во Токио постави личен рекорд на 100 метри слободно пливање. Имено Миа е повеќекратен национален шампион и има освоено повеќе од 50 национални рекорди.

Мери Акиевска е прогласена за најдобра спортистка во индивидуалните спортови која воедно освои и четири златни медали на Светското првенство во бодибилдинг оваа година.

Сара Ристовска е прогласена за најдобра спортистка во екипните спортови. Македонската ракометна репрезентативка со ЦСКА Москва каде настапува беше учесник на завршниот ,,Final Four’’ ракометен турнир во лигата на шампиони.

За најдобар тренер е прогласена Александра Војневска Зикова. Под нејзино водство атлетичарката Дрита Ислами оваа година го истрча најдобриот резултат и го подобри државниот рекорд. Признанието за животно дело и беше доделено на Наташа Мешковска – нашата најистакната македонска пливачка во историјата. Наташа до сега била учесник на две олимпијади како натпреварувачка на ОИ 1992 и ОИ 1996, на две олимпијади како дел од тренерскиот тим, учесничка на шест светски првенства, сребрен и бронзен медал на Светскиот куп и повеќекратна државна рекордерка.

Наградата за спортска новинарка со најголем придонес за спортот во 2021 ја однесе Билјана Благоеска Петрушева од 24 Ракомет.

,,Златна Олимпија’’ на овогодинешната манифестација беше доделена на Специјалната Олимпијада на Македонија која учествуваше на Светското првенство во модерни танци во Грац- Австрија каде го освои второто место.

За најуспешна македонска репрезентација е прогласена кадетската репрезентација во ракомет која го освои првото место на ЕХФ шампионатот во Литванија за ракометарки до 17 години. Ова е еден забележителен успех во младинските категории на македонската женска ракометна репрезентација и со овој триумф истата обезбеди пласман на наредните европски шампионати за кадети (У17) и младинки (У19).

Жирито на овој настан организирани од Македонскиот Олимписки Комитет беше составено од спортските новинари: Марија Ковачева, Билјана Благоевска Петрушева, Наташа Станчиќ, Ирена Андреевска, Ангела Рајчевска, Владко Арсов и Весна Николовска.

Претседателот на МОК, г-дин Даниел Димевски изрази задоволство од постигнатите успеси на македонските спортистки и им посака остварување на уште поголеми спортски резултати во иднина. Димевски во името на МОК изрази поддршка за женските спортистки, особено за помладите категории и од кои во иднина очекуваме огромни спортски успеси.

Одложено телевизиско емитување од овој настан можете да проследите во сабота на 25.12.2021 со почеток во 17:00 часот на телевизија Канал 5.