Во првите 24 часа до Градот Скопје се испратени 51 барање од граѓани преку електронската адреса „24@skopje.gov.mk” и сите се процесирани од градската администрација, соопштија денеска градските власти.

Преку новата електронска адреса, граѓаните пријавуваат проблеми и барања до Град Скопје, а како што соопштија од Градот, најголем број од пријавите се однесуваат на проблеми поврзани со сообраќајот, инфраструктура, комунална хигиена, но и барања за поголема ажурност на секторските одделенија даноци, урбанизам и целокупната градска администрација.

Како што посочуваат, голем дел од барањата на граѓаните се веќе решени, а преостанатите се во процес на решавање.

– Активно функционира електронската адреса за комуникација на Град Скопје со граѓаните, како дел од програмата за отворен град 24 часа. Градот Скопје на овој начин овозможува подобри услуги за граѓаните, транспарентност во работата, преку целосно дигитализирана администрација која ќе биде во служба на граѓаните, се наведува во соопштението на Град Скопје.